Премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавената корекција на функционерските плати што требаше вчера да се случи на седница на Владата, но не беше донесена одлука заради негово отсуство, најнапред нашироко потсети на целиот историјат на случајот со покачувањето на платите за дури 78 отсто, почнувајќи од одлуката на Уставниот суд со која за неуставно беше прогласено замрзнувањето на основицата на платите.
„Со оваа одлука практично се зголемија платите на 1.050 избрани и именувани функционери. Тоа во изминативе 12 години значеше дека немаше зголемување на овие плати за по 6,5 отсто на година. За време на ковид-кризата како дел од антикризните мерки минималната плата беше прогласена за неуставна. Затоа стручно се бараше издржливо решение кое нема да падне пред Уставен суд. Во текот на наредните денови министрите ќе работат на такво решение со цел да се постигне усогласување на платите кое ќе биде прифатливо и одржливо. Сметам дека во текот на наредната недела ќе може да се изготви такво решение кое ќе биде доставено до Владата, а потоа до Собранието. Тоа решение мора да биде така правно издржано, за да не падне повторно пред Уставен суд“, рече Ковачевски по посетата на компанијата за производство на сокови Вива. .
Тој потоа истакна дека самиот повеќепати изјавил дека се залага за утврдување на висината на платите кај различни категории на именувани и избрани функционери.
„Се залагам одамна за ставање во ред на платите на овие избрани и именувани лица, да се знае кој и колкава плата може да има. Не се работи само за 21 член на Владата, туку и за 120 пратеници и други функционери и лица. Затоа мора внимателно да се изготви таква одлука“, рече премиерот.
На прашањето за каков коефициент во однос на платите се размислува, Ковачевски рече дека не може да се зборува за еден коефициент, бидејќи кај различни категории функционери и избрани лица е различен коефициентот. Затоа, рече, мора да се има правно издржано решение со цел утврдувањето на основицата по трет пат да не падне пред Уставниот суд..