„Во петокот во 17:38 часот добивме мејл на електронската пошта за свикување на 32.седница на Комисијата за избори и именувања. За седница го предлагате дневниот ред утврдување предлог за избор на судија на Уставниот суд. Предлог за избор на судија сѐ уште немаме добиено, иако помина времето за почеток на седницата, а по правило треба да го добиеме пет дена пред денот на одржување на седница. Во итни случаи седница на работно тело може да се одржи во пократок рок, а дневниот ред може да се достави на самата седница и материјалите по однос на самата точка“, рече Мицевски.
Тој ја праша Георгиевска да каже во што е итноста во оваа точка, кога, како што рече, Уставниот суд не е комплетиран повеќе од година дена.
„Во ситуација кога судството ни се наоѓа во катастрофално историски најниска можна точка и оцена од страна на јавноста, ние како комисија свикуваме итно седница за утврдување предлог за избор на судија на Уставниот суд, во ситуација кога претседателот на Врховен суд се жали за политички притисок од одредени моќници во државата. Во ситуација кога ништо не функционира во државата, зошто вие како претседател на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата преземате обврска која не е ваша? А тоа е неделовнички да свикувате седници“, рече пратеникот Мицевски, најавувајќи дека неговата пратеничка група имаа предлози за кандидати за нов член на Уставен суд и за кои, како што рече, ќе бараат и ќе инсистираат овој пат да бидат ставени на гласање и да се разгледуваат сите предлози.
Георгиевска истакна дека согласно Деловникот известени се членовите и замениците членови за одржувањето на Комисијата.
„Добив информација дека има предлог за Утврдување предлог за избор на уставен судија за место кое што е испразнето и согласно тоа ја закажав седницата. На сите членови и заменици членови на комисијата сега ќе ви биде поделен материјалот. Заради тоа што и претходно членовите и замениците членови вклучувајќи нѐ и голем дел од нас сме давале предлози на самата комисија за утврдување на кандидати за уставни судии. Јасно ми е оти ви е потребно дополнително време за да го разгледате предлогот“, рече таа порачувајќи им на членовите и замениците членови на комисијата доколку имаат предлози за уставни судии биографиите на кандидатите да ги достават до собраниските служби.
Таа ја прекина седницата и информира дека со работа по истата ќе продолжат утре во 11 часот.
Предлог за судија на Уставниот суд од страна на партиите од власта е професорката на Правниот факултет Јадранка Дабовиќ.
Предлогот за нов уставен судија е поради испразнетото место на судијата Јован Јосифовски чиј мандат истече во јануари 2022 година.