недела, 30 јуни 2024

Поставен камен темелник на првиот малопродажен парк во Гази Баба

Вчера и официјално почна изградбата на првиот малопродажен парк во источниот дел на Скопје Фешн парк Триангла („Fashion Park Triangla”) во место Триангла, Општина Гази Баба. Овој проект е посебен по  новиот концепт на визуелно дизајнирани продавници со нов начин на изведба и материјали, нешто што е препознатливо низ Европа.

Објавено на

часот

Сподели

Според инвеститорот на овој моден парк, Кире Стефанов, Фешн парк Триангла ќе биде уникатно место со голем број продавници, места за уживање и релаксација, хотел и деловни простори.

„Среќни сме што почнавме проект кој е посебен сам по себе, и ги следи светските трендови на ваков тип на модни паркови кои се присутни најмногу во Европа. Конечно Скопје и Гази Баба ќе добие место кое ќе биде доволно атрактивно за посетителите и ќе имаат свое место за уживање и пазарување, кое ќе понуди разни содржини. Во Фешн парк Триангла, ќе овозможиме голем избор на продавници, маркет, ќе имаме хотел и деловен центар, како и места за уживање и релаксација. Она што најмногу ме радува како инвеститор, е што ќе придонесеме за развој на Општина Гази Баба, и што ќе привлечеме голем број на посетители, не само од Македонија, туку и од странство, поради одличната местоположба. Оваа инвестиција ќе биде готова за 10 месеци, и истата чини 9 милиони евра”, изјави Кире Стефанов, инвеститор.

Според градоначалникот на Гази Баба вакви проекти се повеќе од потребни за општината Гази Баба, и за Скопје генерално, и придонесуваат за модернизација на најголемата општина во Македонија.

„Преку оваа инвестиција, Општина Гази Баба продолжува да се модернизира, и свесни сме дека ќе донесе нова енергија за нашите сограѓани. Овој проект кој е навистина според сите светски стандарди, ќе привлече голем број на посетители, кои ќе уживаат во содржините кои ги нуди инвеститорот и воедно сме му благодарни за оваа инвестиција. За нас овој проект е огромно значење за Гази Баба и Скопје пред се поради фактот дека Скопје ќе се позиционира како лидер во овој дел од регионот, а дополнително како општина очекуваме дека овој дел од градот по донесувањето на ГУП-от ќе успееме да го направиме привлечно место за инвестирање и живеење”, изјави Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба.

На поставувањето на камен темелникот, свое обраќање имаше и Дејан Манев, директор за експанзија, градба и опрема за Македонија, Косово и Бугарија на Кам маркет кој е воедно и закупец во овој Фешн парк Триангла.

„Среќни сме што светските трендови во инвестирање и развој на фешн паркови стигна и кај нас, и среќни сме што ќе бидеме дел од оваа приказна. Како компанија го препознавме проектот кој се развива во една средина, која има огромен потенцијал за развој. Сакаме да искажеме голема благодарност до инвеститорот и очекуваме овој проект да биде една светла точка на овој дел од Скопје”, изјави Дејан Манев.

Фешн парк Триангла се простира на површина од 15.000 м2, од кои 6.500 м2 површина за изнајмување, а во рамки на проектот има и бизнис центар и хотел од 5.000 м2, како и подземен паркинг со над 200 паркинг места. Лоциран е на улицата „Методија Андонов – Ченто“, во огромна зона на опфат со резиденцијално опкружување како и централна точка на повеќе населби, со лесен пристап, што го прави да биде уникатна трговска и деловна локација.

Според Катарина Николов, извршна директорка на Cushman & Wakefield | FORTONMKA, ексклузивен соработник на инвеститорот за изнајмување на Фешн парк Трианлгла, овој проект пројавува огромен интерес во бизнис заедницата.

„Како ексклузивен партнер за изнајмување на Фешн парк Триангла денес можеме со задоволство да изјавиме дека интересот во јавноста и брендовите е огромен, а наскоро ќе може да споделиме информација за брендовите кои покрај Кам маркет ќе бидат дел од проектот. Ме радува и фактот што вакви паркови со комбинирани содржини за прв пат се појавуваат и кај нас, што укажува на тенденција на следење на потребите на потрошувачите и непосредното опкружување во заедницата. Ова дополнително ја прави нашата држава атрактивна и за сите посетители од странство. Местоположбата на паркот е одлична и благодарение на модерниот и уникатен дизајн, лесната достапност и концентрираната понуда, малопродажниот парк ќе биде атрактивна локација која ќе понуди голем број на предности за посетителите. Во овој дел е планиран  интензивен резиденцијален развој со што ќе се допринесе за целокупниот развој на градот. ФОРТОНМКА, во својство на консултант во сите фази на планирањето на Фешн парк Триангла проект кој што директно одговара на комерцијалните потреби во тој регион, верува во неговиот успех и во инволвираноста на идните закупци за придонесување кон тој успех“, изјави Катарина Николов.

Планирано е овој проект да опслужува опфатна зона од 200-300.000 луѓе.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ