сабота, 27 април 2024

Поезијата не е за елитистички круг – во Сити мол отворени „Деновите на поезијата“

„Деновите на поезијата“ во „Скопје сити мол“, синоќа, на Светскиот ден на поезијата, беа отворени како прв настан од ваков вид во нашиот регион и пошироко, велат од Фондацијата „Ацо Шопов“. „Поезијата е производ на духот за „широка протрошувачка“, рече македонскиот актер Никола Ристановски, отворајќи ги „Деновите на поезијата“, а поезија читаше Влада Урошевиќ кој годинава ќе слави 90-ти роденден.

Објавено на

часот

Сподели

„Ова скопско сврталиште во кое денес сме заедно, ова место на секојдневни средби и дружби, кое обично ни нуди роба која ги задоволува нашите елементарни желби и потреби – од леб до алишта, од вода до покуќнина… – денес станува место за средба и дружба со поезијата. Нè потсетува колку сме всушност желни за поезија, колку таа претставува човечка потреба“, истакна првенецот на Македонскиот народен театар.

Низ неговиот глас заживеаја незаборавните стихови на нашите врвни мајстори на лирскиот збор, за кои годинава одбележуваме значајни јубилеи: 85 години од објавувањето „Бели мугри“ од Кочо Рацин и 80 години по „Песни“ од Ацо Шопов – првата книга на македонски јазик во слободна Македонија.

Пред импозантен број посетители, Скопје сити мол, Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и институциите и компаниите што се вклучија во организација на манифестацијата им оддадоа почит и на нивните директни следбеници Гане Тодоровски и Матеја Матевски, родени пред 95 години, Петре М. Андреевски, роден пред 90 години, и Влада Урошевиќ, кој годинава во октомври ќе го прослави својот деведесети роденден. Тој лично читаше своја поезија, откако нè потсети дека поетот не смее да се затвори во свјата „кула од слонова коска“, односно дека поезијата не смее да остане затворена во строг елитистички круг, па затоа ваквите настани кои ѝ се обраќаат на најширокта публика се повеќе од добредојдени.

За овие шестмина мајстори на поетскиот збор, како што се наведува понатаму во информацијата за медиумите, на свеченото отворање инспиративно говореше Весна Мојсова-Чепишевска, професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

„Имињата се споменуваат за да не ги загубиме од меморијата. Се повторуваат и зборовите што тие имиња некогаш по некој повод или воопшто без некаков повод ги кажале, повторно и нив да не ги загубиме од меморијата“, нагласи професорката Мојсова-Чепишевска, по што се осврна кон опусот на македонските класици.

Студентите учесници во препејувачката работилница, која Филолошкиот факултет ја организираше во рамките на „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, прочитаа стихови од Шопов на различни јазици, кои како универзално ехо одекнуваа по оригиналните стихови во интерпретација на Ристановски.

Деканот на Факултетот, Владимир Мартиновски се осврна на оваа возбудлива авантура на младите и со младите, која обедини над 70 студенти и професори.

„Ова беше уште една потврда за тоа дека овие ‘Денови на поезијата’ ги соединуваат сите генерации, сè до најмладите, преку ликот на Шопов. Нашите студенти со голем ентузијазам работеа на препевите на циклусот ‘Молитви на моето тело’ од Шопов и со исто толку голем ентузијазам ни се придружија денес во оваа прослава на поезијата, изјави деканот за медиумите.

Огромен број посетители од сите возрасти, уште на првиот ден на манифестацијата, ги испишаа своие омилени стихови на „Sидот на поезијата“ на приземјето на Скопје сити мол“. Уште ден доказ дека широката публика е желна и жедна за поезија!

А денес, пишува понатаму во соопштението за настанот, активностите продолжуваат на третиот кат.  Во 18 часот, на платното на киното „Синеплекс“ ќе биде проектиран анимираниот омнибус „Небиднина”, во продукција на ФлипБук, кој минатиот декември ја освои наградата за најиновативен анимиран филм на фестивалот „Анимаком”, во Билбао, Шпанија. Љубопитните ќе имаат и можност да разговараат со авторите кои работеа според четири песни на Ацо Шопов: Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски.

Оттаму публиката ќе биде поканета да отиде до „поетскиот кварт“ на книжарницата „Литература.мк“ во „Скопје Сити Мол“, кадешто во 19.15 часот ќе се одржи настанот „Лицето на зборовите“, посветен на современата македонска поезија, во организација со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Со настап на македонски поети, на актерот Благој Чоревски и на студенти на факултетот ќе се чуе љубовна лирика од: Петре М. Андреевски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Михаил Ренџов, Гордана Михаилова Бошнакоска, Даница Ручигај, Евгенија Шуплинова, Веле Смилевски, Ристо Ѓ. Јачев, Виолета Танчева-Златева и Никола Маџиров.

“Деновите на поезијата“, ги организираат Скопје сити мол и Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, а за одделни настани се вклучија и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, „ПНВ Публикации“ и „Култура Бета“,  а своите простории великодушно ѝ ги отвотија на поезијата киното „Синеплекс“ и книжарницата „Литература.мк“ во „Скопје Сити Мол“.

Следат низа настани кои го промовираат лирскиот збор, сè до 24 март! Продолжуваме со „играта на бескрајот“, како што Шопов ја нарекуваше поезијата, наведуваат од Фондацијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ