Работниците во другите фабрики на Фолксваген ќе им се придружат подоцна во текот на денот. Синдикатот ИГ Метал, кој го најави штрајкот во знак на протест против заканата на управата со намалување на платите и затворање на фабрики, повика на двочасовни прекини на работата во секоја смена.
Штрајкови се очекуваат во фабриките во Волфсбург, Хановер, Емден, Касел-Баунатал, Брауншвајг, Салцгитер, Кемниц и Дрезден.
„Фолксваген не беше спремен да најде одржливо решение за спорот околу платите на преговарачката маса“, кажа Дирк Шулце, лидер на ИГ Метал во источна Германија. Тој додаде дека штрајковите се потребни за да се „засили притисокот врз менаџерите“.
Работниците бараат зголемување на платите и заштита на работните места, а менаџментот ги присилува да се согласат на општо намалување на платите од 10 отсто. Управата планира и затворање на три фабрики во Германија, што досега не се случило. Без работа би можеле да останат илјадници луѓе.
Слабата побарувачка, засилената конкуренција и силниот кинески пазар придонесоа на проблемите на германскиот автомобилски џин. Фолксваген претходно соопшти дека поради слабата побарувачка во Европа има неискористени капацитети за производство на околу 500.000 возила годишно во своите фабрики, што одговара на две фабрики.
Главните проблеми се со резултатите на основата марка на Фолксваген, а тешкотии има и во преминувањето на електрични возила. Главниот преговарач на ИГ Метал Торстен Грегер кажа дека производството ќе биде „привремено суспендирано“ во сите погодени фабрики.
Синдикатот бара зачувување на сите фабрики и безбедност на работните места.
Преговорите се однесуваат на околу 120.000 работници во фабриките на Фолксваген во западна Германија. Договорот директно би се одразил и на уште 10.000 работници во фабриките во Саксонија и источна Германија.
Фолксваген досега никогаш не затворил фабрика во Германија. Тоа не го направил со децении ни некаде во светот.