„Не сум запознаен со сите детали на овој случај, освен ова што го читаме во медиумите. Станува збор за коруптивни кривични дела. Во име на целата влада сакам да им изразам безрезервна поддршка на телата на кривичниот прогон темелно да го истражат и процесираат овој случај“, кажа Пленковиќ.
Веднаш откако ја примил веста, го разрешил Берош од должност и привремено на негово место ја именувал државната секретарка Ирена Хрстиќ.
„Како премиер, лично сум згрозен од идејата дека во системот на здравството некој ја користи својата позиција за лично богатење или богатење на некој друг. Се чини дека станува збор за противзаконско дејствување на министерот и некои други вработени во здравството. Здравството е особено чувствителен ресор. Министерот Берош ја доби довербата од мене и граѓаните да се грижи за здравствениот систем и да управува со ресурсите на законски начин за на сите пациенти да им се пружат најдобри услуги. Сигурно ни тој ни некој друг не добил мандат за злоупотреба на системот“, кажа Пленковиќ.
Ако се докаже дека обвиненијата против Берош се точни, Пленковиќ кажа дека тоа го доживува како чин на предавство на личната доверба која ја имал кон него откако „му ја укажал честа“ да биде министер во владата.
Хрватскиот премиер кажа дека утринава се сретнало најтесното раководство на партијата ХДЗ и на парламентарното мнозинство.
„Сакаме овој случај да се искористи за дополнителен ангажман и борба против корупцијата во сите сегменти на државата, а особено во сегментот на здравството на кој сите сме, со право, чувствителни“, заклучи Пленковиќ.