понеделник, 25 ноември 2024

Партиски „дуел“ за коридорите 8 и 10

По денешната посета и увид на текот на работите за изградба на патниот правец Прилеп – Битола, од страна на премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, со реакција се огласија од опозициската СДСМ, нарекувајќи ги премиерот и вицепремиерот „историски лажговци кои се фалат со проектите на СДСМ“.

Објавено на

часот

Сподели

„ Денеска ги видовме Мицкоски и Николовски колку се горди на реализација на проектот за патот Прилеп-Битола, дел од Коридорот 10Д.

Граѓаните секојдневно гледаат како Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги промовираат и се фалат со проектите на СДСМ за коридорите кои ги напаѓаа и велеа дека се криминални и штетни.
Од историски криминал, коридорите на Бехтел и Енка станаа историски значајни проекти, слепите тунели кон Бугарија наеднаш прогледаа, а наводните криминални зделки сега се добри за ВМРО-ДПМНЕ.

Власта нема ниту еден проект нејзин започнат, ниту пак реализиран, освен што се фали со проектите на СДСМ ги погази сите свои изјави и ветувања пред граѓаните.

Коридорите на Бехтел и Енка станаа историски значајни, а Мицкоски и Николовски станаа историски лажговци“, велат од Центарот за комуникации на СДСМ.

На ваквите квалификации од опозициската партија, возвратија од ВМРО – ДПМНЕ, наведувајќи дека „ а разлика од СДС, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ посветено работи на тоа Македонија да ја направи домаќин на три раскрсници“

„ Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ посветено работи, Македонија да ја претвори во домаќин на три крстосници. Изградбата на коридорите 8 и 10д не се ништо ново во Македонија, тоа се проекти од стратешко значење за државата. Коридорите биле дел од предизборните и владините програми на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата многу долг период.

Тоа за што ВМРО-ДПМНЕ беше против, а и денеска е, е да не се прават договори на штета на граѓаните и наместо за реализација на капитални проекти, народните пари да завршуваат во приватни џебови.

Завршувањето на народните пари во приватни џебови, место за реализација на капитални инфраструктурни проекти и патишта, беше одлика на седумгодишното владеење на СДС.

Таков е и примерот со изградбата на коридорите, каде што во последните две години владеење на СДС за изградба на коридорите се потрошија околу 350 милиони евра пари на граѓаните, а на терен се немаше изградено ниту еден милиметар автопат. Работата тапкаше во место, а завршена беше експропријација на само неколку десетина парцели.

Со ВМРО-ДПМНЕ на власт работните активности на терен веќе почнаа, а завршена е и експропријацијата на половина од парцелите низ кои ќе поминува трасата.

За разлика од СДС, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ посветено работи на тоа Македонија да ја направи домаќин на три раскрсници, а тоа: е транспортна, железничка и енергетска раскрсница“, се наведува во „репликата“ на ВМРО – ДПМНЕ.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ