Според Државниот завод за ревизија (ДЗР), во буџетот на општината не се уплатени 447.154 евра, надоместоци за одржување на јавна чистота и урбано зеленило и комунална такса за користење простор за паркирање, а за побарувањата од 263.626 евра не постои законска основа за нивна наплата, зашто должниците се избришани од евиденција во Централниот регистар. Парите во подготовка не се соодветно сметководствено евидентирани, не е обезбедена заштита на општинскиот имот, а се констатирани и неправилности во извршување на пописот на средствата и обврските.
„Отсуствува граѓанското учество при креирањето и реализирањето на буџетот и транспарентност во јавното информирање, а Советот на општината усвојува буџет за кој нема донесено програми за активностите кои се во надлежност на општината“, се наведува во соопштението на Државниот завод за ревизија.
На ЈКП „Комуналец“ како субвенција му се исплатени 1.028.276 евра без целосна документација за извршениот обем на активности од годишниот план на претпријатието. На спортски клубови, здруженија на граѓани, фондации, талентирани ученици и социјални бенефиции се исплатени пари без донесени програми, а корисниците не доставуваат извештај за потрошените средства и не се објавени на веб-страницата на општината.
Државниот завод за ревизија има забелешки на парите исплатени како субвенции за потрошена вода на ранливи групи граѓани, како и на исплата на еднократна парична помош без прецизно утврдени критериуми.
Општината како инвеститор не обезбедила соодветна законска документација при изградба и реконструкција на локални патишта и улици, канализациона мрежа и нема завршни извештаи за нив, ниту технички прием. Слична е состојбата со реконструкцијата и доградбата на мостот на Градска река на улицата Трајко Николоски кој е пуштен во употреба без комплетна документација што е ризик за безбедноста, констатирал ДЗР.
„За изградбата на подрачното основно училиште Рампо Левката во месноста викана Баба Чаир, општината исплатила средства но не го презела ниту го обезбедила новоизградениот училиштен објект, поради што објектот е уништен, руиниран и демолиран, а учениците од одделенска настава од населбите Сточен пазар и Жабени, се без училишна зграда“, пишува во соопштениот на Државниот завод за ревизија за работата на општина Прилеп за 2022 година.
Што се однесува до привремено ангажирани лица во работата на локалната самоуправа, од 41 ангажирано лице 10 од нив се за подолг период од две години и тоа укажува на намалена транспарентност при вработувањето, субјективност во изборот на лица, повластена положба во постапката на нивно ангажирање. На Ревизијата не и биле презентирани документи за направени расходи, проектна документација, налози за работа, одобренија за градба, по склучени договори за услуги за поправки и одржување на јавното осветлување, за реконструкција и изградба на улици, патишта, тротоари и пешачки патеки и изградба на детска градинка.
„Изградбата на градинката во населбата Точила се реализира како тригодишна капитална инвестиција и по спроведена јавна набавка на работи, склучен е договор со вкупна вредност од 2.166.943 евра, со рок на изведба не подолг од седум месеци. По започнување на изведбата, изведувачот го известува инвеститорот за утврдени неусогласености на предвидените позиции во проектот со предмер. Завршната ситуација не е одобрена од општината како инвеститор, зашто вредноста на договорот е надмината и за неа не е склучен анекс на договорот. Несоодветно изработената предмер пресметка и неусогласеноста со проектната документација влијае на реализацијата на градбата и доведува до зголемени трошоци и неизвесност за завршување на започнатата инвестиција“, соопштува Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизијата на усогласеност на Општина Прилеп за 2022 година
За сето ревизијата дала препораки за надминување на утврдените состојби.