четврток, 4 јули 2024

Нова серија израелски бомбашки напади во Газа, 17 лица загинаа

Седумнаесет Палестинци беа убиени, десетици ранети кога израелските сили бомбардираа неколку области на Кан Јунис и Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, соопштија здравствените власти, додека илјадници луѓе ги напуштија своите домови под оган.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Израелската армија вчера им нареди на жителите на неколку градови и села во источниот дел на Кан Јунис да ги евакуираат своите домови, пред тенковите повторно да навлезат во областа што армијата ги напушти пред неколку недели.

Илјадници кои не го послушаа повикот беа принудени да ги напуштат своите домови во темница во текот на ноќта, додека израелските тенкови и авиони ги бомбардираа Карара, Абасан и другите области наведени во наредбите за евакуација, велат жителите и медиумите на Хамас.

“Каде да одиме?” изјави Тамер (55), бизнисмен, кој од 7 октомври досега бил раселен шест пати.

„Секогаш кога луѓето ќе се вратат во своите домови и ќе почнат да обновуваат дел од нивните животи дури и на урнатините од нивните куќи, окупацијата испраќа тенкови назад за да го уништи она што останало“, изјави тој за Ројтерс преку апликација за разговори.

Израелската армија соопшти дека нејзините сили ја нападнале областа во Кан Јунис од каде што вчера беа истрелани околу 20 ракети. Целите вклучуваа магацини за оружје и оперативни центри, се додава.

Се наведува дека пред нападот биле преземени мерки за да се обезбеди дека цивилите нема да бидат повредени со тоа што ќе им се дозволи да ја евакуираат областа, повикувајќи се на наредби за евакуација. Војската го обвини Хамас дека ја користи цивилната инфраструктура и поширокото население како жив штит. Исламистичката група го негира ова.

Исламски џихад, група сојузник на Хамас, ја презеде одговорноста за истрелувањето на ракетите, за кои рече дека се одговор на „злосторствата на ционистичкиот непријател врз нашиот палестински народ“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ