„По изборите една работа е сигурна, а тоа е дека Влада со ДУИ нема да има. Ова раководство на ДУИ за жал се криминализираше до максимален можен степен, скоро и да нема ден во којшто нема афера во којашто дел се претставници на ДУИ. Тоа е однесување коешто никој не може го толерира и однесување кое што треба да биде истражено од органите, а не да биде дел од владина работа, затоа што ние излегуваме со наша програма и таа програма не можете да ја спроведете со луѓе коишто одат сабајле на работа и размислуваат како да злоупотребат нешто или да направат криминал“, изјави Николоски во интервјуто.
Тој притоа изнесе увереност дека ВМРО-ДПМНЕ ќе освои најмалку 61 пратеник на изборите в година.
На прашањето дали лидерот на партијата Христијан Мицкоски ќе поднесе оставка ако се донесат уставните измени, Николоски вели: „Тоа се празни приказни, година и пол трае оваа приказна. Уставни измени под бугарски диктат нема и нема да има, така што ова е затворено прашање“. Според него, таа пријказна заврши на 18 август.
На прашањето како тогаш евентуално владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги продолжи преговорите со ЕУ, кога уставните измени се дел од рамката, Николоски вели дека тоа е работа на одговорност на тие што дозволиле бугарски диктат и ја понижиле Македонија.ќ
„Ние секако сме спремни да разговараме за продолжување на европскиот пат на Македонија, но само доколку и Бугарија е спремна да направи чекори. Бугарија само треба да го испочитува она што е основен принцип на владеење на правото, а тоа е меѓу другото почитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, којшто е највисок суд за човекови права во Европа, а таму има 14 пресуди коишто Бугарија не ги спроведува. Во моментов во процедура има уште 17 други процеси коишто исто така најверојатно ќе завршат со корист на Македонците во Бугарија. Бугарија досега нема спроведено ниту една. Исто така, Македонија мора да има јасни гаранции за својот многувековен идентитет, но исто така дека нема на следната станица да има повторно вето, како што треба и граѓаните да видат прогрес во однос на преговорите со Европската унија во однос на економската благосостојба што е најзначајно за нив. Така што сите овие елементи треба да се склопат за Македонија да оди напред и евентуално да направи некаков чекор. Но, уставни измени под Бугарски диктат се уцена и затоа ние не прифаќаме и тоа не се случи затоа што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се спротивстави и не се изгласаа. Ова прашање заврши на 18 август“, рече Николоски.