„Сакаме овие личности да ги слушнат реакциите на граѓаните за солидарност и повик за прекин на колективното казнување цивили во Газа и за непочитувањето на меѓународното хуманитарно право. Бројката на жртви во Газа ја надмина онаа на геноцидот во Сребреница, а стотина вработени во меѓународните хуманитарни организации и новинари исто така ги загубија своите животи.
Покрај вашата осуда на нападот на Хамас врз цивилните цели, бараме остра осуда на масакрот врз цивилите кој Израел го врши во Газа, со што секојдневно го крши меѓународното хуманитарно право.
Апелирајте за итен прекин на неселективното бомбардирање и убивањето цивили во Газа и усвојте декларација во Парламентот со која се повикува на престанок на војната и се дава шанса на мирот. Организирајте комисиска седница и искористете ги сите потребни институционални механизми.
Испратете итна медицинска помош во Газа во име на нашата држава и на граѓаните.
Обезбедете бесплатно лечење и рехабилитација во болниците во Македонија на повредените дечиња од Газа кои во оваа агресија изгубија делови од своите екстремитети.
Не потклекнувајте под притисокот за прогон на сите оние кои го креваат својот глас против масакрот на цивили во Газа, за кој денес сме сведоци, а за кој апелираме да престане и да се замени со безусловен мир“.
Потписници на овој апел се невладините организации Легис, Ел Хилал, Калири и Миресисе, Визиони М, Нун, Синапса, Мерхамет Скопје, Енсар, Ќопру, Влазнија, Белиг и Мерхамет.