Оттаму информиарат дека на трасата се појавени 11 нови свлечишта и поради тоа ќе се ангажираат меѓународни експерти кои ќе дадат предлог проектански решенија и мислење за целокупниот проект.
„Во овој момент во тек е ревизија од Државниот завод за ревизија во Јавното претпријатие за државни патишта во однос на финансиските извештаи и услогласеност како и ревизија за успешност на капиталните инвестиции. Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, преку Надзорниот орган ангажира експерт за фидик договори преку кој треба да се обезбеди анализа на договорот, како и решенија за сите идни чекори на Владата за реализација на проектот за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид“, соопшти Министерството за транспорт.
Ова, како што објаснуваат од министерството, е потребно од причина што рокот за реализација на овој инфраструктурен проект завршува на 31 декември оваа година, а до тогаш Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта преку Владата треба да донесат одлука со најсоодветното решение за дореализација на овој проект.
„Реализацијата на овој проект е од стратешко значење за Македонија, истиот е дел од Коридор 8 како главен европски коридор. Приоритет на Владата е завршување на овој проект и во таа насока ќе се преземат сите активности за негова реализација“, истакнува Министерството за транспорт.
Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела најави дека ќе побара ревизија на Договорот за изградба на автопатската делница од Охрид до Кичево.
„Сметам дека е недозволиво еден автопат од 40 километри да се гради над десет години и сѐ уште да не биде направен, притоа да се бара повторно продолжување што треба да оди пред пратениците. Од таа причина ќе побарам ревизија на овој проект. Сметам дека треба да се размислува и во насока на раскинување на договорот и барање изведувач што ќе го изгради на квалитетен начин, а не да гледаме десет години да се прави пат, да се инвестираат пари, а да нема досега пуштен ниту еден метар од автопатот“, рече Ковачевски, во обраќање на Конференција за патната инфраструктура во Охрид.
Според оценката на дел од експертите учесници на конференцијата, проектната документација, геотехничките ископувања, експропријацијата и неефикасните административни постапки се главните причини поради кои доцни изградбата на автопатот.
Автопатската делница Кичево – Охрид е дел од Коридорот 8, со вкупна должина од 57 километри, а цената од првично предвидените 374 милиони достигна 598 милиони евра. Изградбата на автопатот почна во февруари 2014 година и после неколкуте анекси и продолжувања на роковите требаше да биде целосно завршен до крајот на оваа година.