Ова е последниот во низата дефекти и прекини на електроенергетската мрежа на островот каде населението веќе се соочува со недостиг од храна, гориво, вода и лекови.
Министерството за енергетика и рударство соопшти дека централата Антонио Гујтерас, најголемиот произведувач на струја во земјата, престанала со работа во 2 часот наутро по локално време, што довело до колапс на мрежата.
Застарените кубански централи кои работат на нафта и мака мачат со производството оваа година се дополнително погодени со падот на увозот од Венецуела, Русија и Мексико.
Поради најновиот пад на електроенергетската мрежа речиси цела Хавана останала во целосен мрак, а светла се гледале само од неколку главни хотели и владините згради.
Според информациите објавени на социјалните мрежи за прекинот на струјата, и во други места на Куба без електрична енергија останале околу 10 милиони луѓе. Министерството за енергетика соопшти дека работи на тоа централата повторно да се приклучи во енергетскиот систем.
Кубанската електроенергетска мрежа во октомври повеќе пати паѓаше, и поради намалените залихи на гориво и поради ураганот Оскар кој го погоди источниот дел од земјата, а потоа повторно во ноември кога низ островот помина ураганот Рафаел.
Најголемиот снабдувач со нафта на Куба, Венецуела, ги намали субвенционираните испораки на просечни 32.600 барели дневно во првите девет месеци оваа година, што е половина од 60.000 барели дневно испорачани во истиот период минатата година.