Како што информира МВР, пријавените С.И., М.К., Б.Г., Р.А., Р.Ч., Д.Ј., З.В., И.И., Н.З., Г.А., И.Н., Ј.Н., И.М., Д.Ц., Е.В., А.Ш., Н.П. и Б.Б. во својство на претседател и членови на Комисијата за разгледување и подготвување на предлози во однос на поднесени барања за издавање одобрение за набавување на оружје во СВР Скопје, СВР Куманово, СВР Тетово и СВР Битола од 2021 до 2024 година несовесно постапиле во вршење на своите должности и овластувања. При постапување по барањата за издавање на одобрение за набавка на оружје, тие дале позитивно мислење за издавање на одобрение за набавка на оружје на предлогот доставен до Комисијата за ревизија на позитивно одлучени барања за издавање одобренија за набавување оружје, спротивно на одредбите од Законот за оружје.
„Пријавените В.К., О.Л., А.О., С.А. и Ѓ.К. во својство на претседател, членови и заменици членови на Комисијата за ревизија на позитивно одлучени барања за издавање одобрение за набавување на оружје не извршиле правилна ревизија на содржината на позитивно одлучените барања и наместо предметите да ги отфрлат или вратат на повторно одлучување заради докомплетирање, врз основа на претходно изготвени списоци на баратели на одобрение покрај кои биле испишани имиња на дел од членовите на Комисијата за ревизија, донеле позитивни одлуки и овозможиле баратели да се стекнат со одобрение за набавување на оружје спротивно на одредби од Законот за оружје“, се вели во соопштението.
При вршење на ревизија, како што се наведува, постапувале несовесно и селективно при решавање на предметите, а по вкупно 5.470 предмети воопшто не постапиле и не донеле одлука со што придонеле да застарат.
„Пријавените, Џ.А., помошник на министерот и Л.П.М., началник на Сектор за оружје и член на Комисијата за ревизија на позитивно одлучени барања за издавање на одобрение за набавување на оружје, пропуштиле должен надзор на начин што иако знаеле дека било позитивно одлучувано за поднесени барања спротивно на Законот за оружје, дека по поднесените барања селективно се постапува или воопшто не се постапува овозможиле барателите спротивно на законските прописи да се стекнат со одобрение за набавување на оружје“, пишува во соопштението.
По спроведена постапка, за потешко кршење на работниот ред и дисциплина, за 15 вработени е изречена мерка откажување на договорот за вработување.