среда, 4 декември 2024
Жените во спортот храбро се борат со предизвиците

„Еј види жена на фудбал, па уште и судија“ е уште поголема мотивација за успех, вели Пројковска

Градат успеси, рушат стереотипи и секоја капка пот ги доближува до целата што си ја поставиле. Жените во спортовите што голем дел од општеството ги квалификува како „машки“ се уникат, а освен со предизвиците за успех, се борат со навреди, пцовки, дискриминација… Иако според досегашните проверени податоци до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) нема утврдено дискриминација врз основа на поднесени претставки за заштита од дискриминација во областа на спортот врз основа на полот, во реалноста тоа е сосема поинаку. Коментарите на социјалните мрежи под новинарските објави се дискриминаторски и во нив фактот што се работи за жена е поважен од тоа што таа постигнала успех.

Објавено на

часот

Сподели

Во Фудбалската федерација на Македонија има 33.260 регистрирани фудбалери и 1.505 фудбалерки.

Ива Пројковска е најдобриот фудбалски судија во женска конкуренција во Македонија, која се наоѓа во групата на 20 елитни судии во Европа и ги руши стереотипите за тоа дека фудбалот е „машки спорт“. За неа голем дел од публиката кога ќе излезе да суд на теренот велат, „еј, види жена, па уште и судија“. Нејзиното согледување за еднаквоста на жените и мажите во спортот се темели на тоа дека кога добивате таков тип коментари, треба да имате уште поголема мотивација за успех и да не се откажувате.

„Сум посакала неколку пати да се откажам… Меѓутоа прво не сум човек што лесно се откажува, а и желбата и целите биле секогаш поголеми, па и со откажување не се постигнува ништо и само ќе докажев дека ‘жените не се за овој спорт’. Вака докажав дека навистина сме“, вели таа.

„Кога ќе излезам на терен и ќе чујам ‘еј, види жена’, искрено никогаш не ми пречело, напротив секогаш ми било мотивација да бидам подобра и подобро да го претставам женскиот род, а неколку години го немам ни слушнато тоа. Како и во секојдневниот живот, така и во фудбалот, во почетокот постоеја и дискриминацијата и навредливите коментари, меѓутоа сето тоа е минато. Личност сум што гледа напред и се стремам кон иднината и убавите работи, многу работи се променија и се разбира уште ќе се менуваат, па затоа не би сакала да издвојам некој пример. Секој си одговара за своите постапки“, вели Пројковска.

Таа во фудбалот е вклучена 21 година и суди и натпревари и за мажи и за жени.

Се сеќава дека кога го судела првиот натпревар воопшто не било лесно, особено што околината е полна со предрасуди дека женско не може да го разбере фудбалот како мажите.

„Се сеќавам на првиот натпревар. Можам да кажам дека не беше лесно, особено што на секој судија почетоците му се во пониските лиги, каде што тешко може да се прифати фактот дека женско повеќе го разбира фудбалот од мажите. Дефинитивно реакциите беа негативни, проследени со многу пцовки и навреди, меѓутоа мора да напоменам дека тоа повеќе е од страна на публиката. Генерално играчите во голем дел се коректни, се разбира со исклучоци. Работите денес многу се променија, се разбира на подобро. Од поголема застапеност на натпреварите, респект од страна на тренерите и играчите, а за навивачите нема многу да коментирам затоа што тоа е маса на луѓе што тешко се менува“, додава успешната фудбалска судијка.

Пројковска е горда со себе и својот успех, но и со сите оние жени што издржаа и издржуваат и се борат да постигнат уште подобри резултати.

„Се разбира дека сум горда со себе и својот успех. Не само со себе, туку горда сум и со сите оние што издржаа и издржуваат и сѐ уште се борат заедно со мене да достигнеме уште подобри резултати и да оствариме уште поголеми цели. Тежината да се дојде до овој успех нема мерна единица, меѓутоа морам да признаам дека беше тешко, бараше и сѐ уште бара многу работа, откажувања, пожртвуваност… Меѓутоа вреди… Особено кога желбите и целите ќе се исполнат. Со едукација, работа, амбициозност, цел… Сметам дека прво треба да почнеме да се поддржуваме меѓу себе, затоа што го постојат многу случаи каде што сами се дискриминираме. Често може да слушнеме женско да е нападнато од женско или жените да кажат сакаме мажи да ни судат, а ретко некогаш ќе слушнеме нешто спротивно.

Еден пример ќе ви кажам од пред неколку недели, на еден дерби-натпревар во младински категории, помеѓу две скопски екипи, само јас и една мајка бевме женски на теренот и на трибините и можеше да се слушне дека само таа ме навредува и ме пцуе. Кога ова ќе го искорениме и ќе ни биде мило за туѓиот женски успех, може да почнеме да постигнуваме еднаквост затоа што сега цела енергија ја губиме поставувајќи сопки меѓу себе“, додава Пројковска, која од поважни успеси ќе ги издвои прв судија на светско првенство – жени до 20 години во Колумбија, прв женски судија во прва македонска фудбалска лига, прв судија на европско сениорско првенство во Англија, главен судија на финален натпревар на европско првенство за жени до 19 години, Лига на шампиони – полуфинале…

Даниела Антоновска, магистерка по родови студии, со 20-годишно искуство во областа на родовата еднаквост вели дека и на глобално и на национално ниво жените во голем број области вклучително и спортот не се третирани на ист начин како мажите, односно не добиваат еднаков третман.

„Земјата е потписник и има ратификувано поголем број меѓународни конвенции, документи, стратегии. Како пример би ја посочила Пекиншката платформа за акција, во која е потенцирано дека е потребно да се обезбедат пристапни објекти за рекрeaција и спортски објекти за девојки и жени, како и зајакнување на родово чувствителна програма за девојки и жени во образовните институции и поддршка за вклученост на жените во сите физички активности меѓу кои и како тренери, спортисти и тоа на сите нивоа (национално, регионално, меѓународно). ЦЕДАВ-конвенцијата исто така ги потенцира еднаквите можности за активно учество во спортот и физичкото образование и наведува дека државите членки треба да ги преземат сите соодветни мерки за елиминирање на дискриминацијата на жените во сите области вклучително и спортот. Европската спортска повелба од 1992 год. јасно укажува на тоа дека на секој поединец треба да му се овозможи да учествува во спортот, како и да се заштитат достоинството и безбедноста на сите вклучени во спортот. Забраната за дискриминација исто така е дел од Повелбата. На национално ниво во Законот за еднакви можности на жените и мажите се уредуваат прашања од интерес за еднаквите можности на жените и мажите од многу области, меѓу кои е и спортот“, појаснува Антоновска.

Доколку се разгледаат одделни програми за спорт на локално ниво (во повеќе општини) од буџетска страна може да се забележи дека најголем дел од буџетот е наменет за манифестации во спортови каде што нема ниту една жена на пример за поддршка на турнири во мал и/или голем фудбал, или за клубови што се исклучиво машки. Генерално, спортистките се многу помалку застапени во спортските медиуми отколку спортистите, што значи дека нема родов баланс во квантитетот на покривање и известување за жените спортистки споредено со мажите спортисти.

Антоновска додава дека преовладува еден општ наратив на глобално ниво дека женскиот спорт е помалку вреден, дека помал е интересот за него, па соодветно на тоа постои негативен домино-ефект дека помалку треба да се вложува, а последователно на тоа и платите во спортот на глобално ниво кај спортистките се пониски.

„Има и разлики во паричните награди, спонзорствата, капацитетите и опремата наменети за спортистките. Индексот на родова еднаквост за Македонија објавен во 2019 година со податоци за 2015 год. во еден од домените општествена моќ укажува на голем родов јаз во учеството на жените и мажите во управните тела на националните олимписки организации кој изнесува 8,9%. Вториот Индекс на родова еднаквост објавен во 2022 со податоци од 2019 покажува мало процентуално зголемување во овој домен, односно од 8.9% на 9.2% (2018-2019-2020) и ова е поддоменот каде што се бележи најмал напредок споредено со 2015 година. Евидентно е дека има потреба од подобрување на застапеноста на жените во управните органи, особено во институциите поврзани со секторот спорт, каде што има највисоки родови разлики. Кога станува збор за оние жени спортистки што веќе ја завршиле кариерата, има примери и случаи на заборавени поранешни репрезентативки што и покрај придонесот и вложувањето што го направиле сега буквално се оставени сами на себе да се снаоѓаат“, додава нашата соговорничка.

Дозвола да се биде успешна спортистка или дозвола да се биде успешна во која било област нема не се бара.

Антоновска смета дека активирањето на девојчињата од мала возраст во физички активности, рекреативни, кои понатаму би ја поставиле основата за професионално занимавање со спортот е клучно за понатамошно градење на успешни спортистки.

„Овде секако треба поддршка од најблиските, од семејството, од училиштето, околината. Прифаќањето на жена, девојка како спортистка треба да биде нешто нормално и секојдневно пред сѐ од страна на мажите и момчињата спортисти, на спортските работници и спортските новинари. Мажите спортисти треба да се солидаризираат со жените спортистки по однос на определени прашања за третман на спортистките. Како позитивен пример за третман на спортистките би ја споменала Фудбалската федерација на Ирска, која објави дека е склучен договор за еднакво плаќање на членовите на сениорската машка и женска екипа, со што ваквиот потег го позиционира женскиот фудбал на исто рамниште со машкиот. Во исто време ирскиот машки тим дал поддршка и зазел проактивен став за промовирање и постигнување на родова еднаквост во спортот. Успешните спортистки можат да бидат пример за идните генерации девојки што сакаат професионално да се занимаваат со некој спорт. Тие да се искористат како менторки на помладите спортистки со цел да ги зајакнат и да ги поттикнат жените да веруваат во својот потенцијал, да ја зголемат самодовербата“, посочува Антоновска.

Нејзиниот став е дека секојдневно жените во спортот се соочени со родови стереотипи и предрасуди, а фокусот често се става на други работи (особини, изглед, облека), се занемаруваат резултатите, способностите, постигнувањата и сл. Кога се коментира од страна на мажите спортски новинари, повторно има некој наратив што стереотипизира, сексуализира, се обрнува внимание на изгледот, облеката, се потенцира приватниот живот и сл.

„Жените спортистки глобално добиваат само 4% медиумската покриеност во споредба со мажите. Но и тогаш во таа медиумска покриеност повторно во преден план е нивниот физички изглед, семеен и љубовен живот и сл. за сметка на ставањето фокус на нивните способности, достигнувања, спортски перформанси. Стереотипите, дискриминаторските општествени и културолошки норми, длабоко вкоренетите ставови за родовите улоги сѐ уште доминираат. Сметам дека кога ќе се добие титулата жена-спортистка, тогаш веќе поинаку се гледа на некоја спортистка токму поради добиеното признание. Ова е понов тип на категорија (жена спортистка) и веќе ја има не само на национално туку и на локално ниво.

Несомнено ова е чекор напред кон поголема видливост на жените во спортот и кон поголема родова рамноправност. Како признание ова е нешто со што ќе се издвојува жената спортистка и на некој начин станува пример и за другите девојки и жени спортистки. Секако оваа титула би била и дополнителна мотивација за жените во спортот. На тој начин се признаваат способностите и перформансите, резултатите. Но истовремено ова има и влијание и може да помогне во уривањето на родовите стереотипи, има влијание за подобрување на самодовербата на жените, девојчињата и придонесува за развој на вештините за лидерство. Појавата на женски примери и инспиративни спортистки дополнително го зајакнува женскиот спорт. Вака видливи преку овој тип на манифестации жените во спортот ја разбиваат погрешната перцепција дека се слаби или неспособни“, појаснува таа.

Нејзиниот совет е дека се потребни кампањи за запирање на говорот на омраза, кампањи за запирање на насилството во спортот.

„Важно е да се поттикнат водечки спортски личности и тоа мажи пред сѐ, да осудат негативни коментари со сексуална или каква било друга дискриминаторска конотација и на тој начин би биле пример за другите. Поминувањето низ едукации за препознавање и спречување говор на омраза и родово-базиран говор на омраза, насилство, поголема родова сензитивност за прашањата за вклучување на жените во спортот и во одлучувачките позиции во спортските институции/тела исто така е клучно. Треба да им се даде поддршка на оние што се таргет на говорот на омраза. Ако се работи внатре во спортските клубови, со поддржувачите, навивачите, публиката, тоа ќе биде позитивен пример за воспитување на идните генерации и правилна насока за развој на младите момчиња и девојчиња“, советува нашата соговорничка, експертка за родова дискриминација.

Дел од овие елементи се опфатени и со анализата за родово-базирани содржини „Родовите дезинформации препреки за жените во спортот“ изработена од Институтот за комуникациски студии, каде што главен акцент се става и на дезинформациите во врска со известувањето на натпревари во кои се вклучени жени спортистки, а овие дезинформации не само што влијаат на јавната перцепција, туку и ги продолжуваат штетните стереотипи. И во овој извештај се вели дека е потребна едукација на сите што се вклучени во известување за жените и за нивните успеси во спортот.

Катерина Додевска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ