среда, 4 декември 2024

Кремљ: Нападот во Русија со оружје од САД ќе го сметаме за американски напад

Кремљ порача дека одлуката на САД да ѝ дозволат на Украина да користи американски ракети за напади длабоко во Русија ќе доведе до зголемени тензии и подлабоко вклучување на САД во конфликтот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на редовниот дневен брифинг изјави дека нема промена во ставот во однос на она што го кажа Владимир Путин во септември. Рускиот претседател тогаш рече дека нападите со американско оружје на руска територија ќе ги смета за директно учество на НАТО во конфликтот.

Одговарајќи на прашање на агенцијата Тасс, Песков рече дека Русија знае за наводната одлука на администрацијата на Џо Бајден само врз основа на известувањето на западните медиуми.

„Доколку проектилите испорачани од САД бидат истрелани длабоко во Русија, Москва тој напад ќе го смета не за украински, туку за американски“, рече тој.

„Очигледно е дека администрацијата на Бајден во заминување има намера да преземе чекори за да долее масло на огнот и дополнително да ги ескалира тензиите во овој конфликт“, заклучи Песков.

„Американскиот претседател во заминување Џо Бајден… донесе една од најпровокативните, непресметливи одлуки на неговата администрација, која ризикува катастрофални последици“, беше објавено во понеделникот наутро на веб-страницата на рускиот владин весник Росијскаја газета.

Рускиот пратеник Леонид Слуцки, шеф на провладината Либерално-демократска партија, предвиде дека одлуката „неизбежно ќе доведе до сериозна ескалација, заканувајќи се со сериозни последици“.

Рускиот сенатор Владимир Џабаров го нарече „чекор без преседан кон трета светска војна“, исто како и руската пратеничка Марија Бутина, која во разговор со Ројтерс рече дека одлуката на Бајден ризикува трета светска војна.

Провладиниот таблоид Комсомолскаја правда го нарече „предвидлива ескалација“.

Меѓутоа, она што навистина е важно, вели Би-би-си, е како одлуката ја нарекува Владимир Путин и како реагира лидерот на Кремљ.

Рускиот претседател во неделата навечер не кажа ништо, но претходно кажа многу работи, вели британскиот сервис.

На 12 септември рече дека западното одобрување на таквиот чекор ќе значи „директно вклучување на земјите од НАТО, Соединетите Американски Држави и европските земји во војната во Украина“, бидејќи воената инфраструктура и персоналот на НАТО ќе мора да бидат вклучени во таргетирањето и истрелувањето на проектилите.

Кон крајот на октомври, Путин рече дека руското Министерство за одбрана работи на различни начини на одговор доколку Соединетите Држави и нивните сојузници во НАТО ѝ помогнат на Украина да изврши напади длабоко во Русија користејќи западни ракети со долг дострел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ