„Дали е отворен музеј или спомен обележје, си има строга постапка дефинирана според закон, како се отвора такво нешто. Во моментов немам никаква информација, ниту некој се обратил до Општина Куманово за да побара каква било озвола“, вели Димитриевски.
За пораките што ги испрати лидерот на ДУИ од отворањето на комплексот Димитриевски вели дека не е изненаден.
„Во континуитет покажуваат екстремно самовластие како партија која повеќе од 20 години е на власт и секогаш во предизборието, игра на национална карта и со националните чувства на граѓаните“, изјави кумановскиот градоначалник.
Ахмети викендов во Сопот го отвори комплексот на УЧК. Во него се изложени фотографии на команданти на УЧК од Косово како што е основачот Адем Јашари, како и ликови од воениот конфликт во Македонија како Исмет Јашари, но и фотографиите од „бившиот командант на ОНА“, самиот Ахмети.
„Ние избравме Албанците во Македонија да бидат државотворци, да бидат господари и да се залагаат во сопствената држава, а ова знаме денес е официјално и неприкосновено. Еве ја крвта на стотици војници, патриоти и Албанци. Албанскиот јазик е официјален и неприкосновен“, рекол меѓу другото Ахмети во своето обраќање пред присутните, по повод „одбележување на масакрот во 1944 година над 64 Албанци од Сопот“.
На свеченоста, како што пренесоа дел од медиумите, Ахмети упатил неколку пораки дека Албанците се господари во Македонија и дека се државотворци.
„Кога ја почнавме активноста, ја почнавме за да ја направиме Албанија, да нема граница, но политиките се сменија и избравме прагматизам, а не фанатизам. Ние избравме Албанците во Македонија да бидат државотворци, да бидат господари во оваа земја и да се залагаат во сопствената држава, а ова знаме денес е официјално и неприкосновено. Еве ја крвта на стотици војници, патриоти и Албанци. Албанскиот јазик е официјален и неприкосновен“, изјавил Ахмети.
Меѓу музејските експонати е и знамето на „Голема Албанија“, во чии рамки се голем дел од Македонија, Србија и од Грција. Пред влезот на комплексот се наоѓа мермерна плоча со картата на „Голема Албанија“.