„Министерството интензивно планира и обезбедува возила од институциите, но заради стандардите кои се предвидени од ОБСЕ, нужно е да има резервна опција доколку истите не се обебзедат. Согласно досегашната анализа, веќе половина од потребните возила се потврдени и ќе бидат обезбедени од институциите, што значи дека ни одблиску нема да се потроши планираниот буџет од Рамковниот договор. Предвидувањата се дека нема да се потроши ни половина средства од финансиската рамка.
Понудените цени се цени кои ги дефинира понудувачот. Заради ниската достапност на возилата со потребната спецификација во толкав број, веројатноста цената на истите да биде повисока во понудата е очекувана. Наша цел е да обезбедиме што повеќе возила од институциите и на тоа интензивно се работи, но апсолутно е нужно да имаме поддршка од професионална компанија за оној дел кој ќе недостастува. Станува збор за возила со специфични карактеристики, опрема и перформански кои институциите ги немаат во доволен број, покрај ВИП возилата, ескортни возила, мини ван возилата и автобуси.
Министерската конференција на ОБСЕ претставува најголемиот надворешно – политички настан што било кога е организиран во земјава. Се очекува во Скопје да пристигнат над 70 делегации со приближно 1.000 членови на делегациите на највисоко ниво, но и дополнително високи претставници од бројни меѓународни организации. Сметаме дека е недозволиво да не се исполнат стандардите и да не се одговори на обврските кои произлегуваат од обврските за организирање на ОБСЕ министерскиот совет“, се вели во реакцијата на Министерство за надворешни работи.
МНР потпиша рамковен договор во вредност од 56.640.000 денари или околу 920 илјади евра за четири месеци за изнајмување на 175 возила.