сабота, 16 ноември 2024

Мизрахи: Заклучоците од Анкетната комисија за Онкологија ќе бидат доставени до Јавното обвинителство

Политичка одговорност за случајот со Клиниката за онкологија може да се бара и одговорните би требало да си поднесат оставка. Политичка одговорност може да се бара и за бивши министри и бивши функционери, особено што во одредени владини функционери во одредени институции во здравствениот систем, фигурираат и до ден денешен, вели Рашела Мизрахи, претседателка на Анкетната комисија за случајот со Онкологија.

Објавено на

часот

Сподели

Во гостување на МТВ, Мизрахи потенцираше дека дури и да се утврди одговорност кај поранешни министри, таа до Јавното обвинителство (ЈО) ќе ги достави сите заклучоци, укажувајќи дека потоа од нив произлегува и кривична и граѓанска одговорност. Таа порача Јавното обвинителство да започне да си ја врши својата работа.

„Ако зборуваме за поранешни министри тогаш не би можеле да си поднесат оставка, меѓутоа заклучоците на Анкетната комисија ќе ги проследиме до Јавното обвинителство. Според Уставот, анкетна комисија е уставна категорија, па оттука може да произлезе и кривична и граѓанска одговорност. И за тоа мојата порака до Јавното обвинителство е што побрзо да си ја врши својата работа“, порача Мизрахи.

На прашањето дали ќе иницираат закон или правилник „да се реши хаосот бидејќи има многу онколошки пациенти кои не го добиваат уставно загарантираното право да добијат лек и да се обидат да се излечат“, Мизрахи истакна дека закони за здравство има, но тие биле прекршени.

„Закони за здравство има. Проблем е што се дозволило да се прекршуваат законите, да се оди преку нив или пак околу нив. Значи Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување, Законот за права на пациентите, сите тие опфаќаат одредена логистика во која што би имало нормално планирање на потребите на одредена јавна здравствена установа за своите пациенти“, рече таа.

Мизрахи додаде дека здравствениот систем функционира по закони и доколку истите биле имплементирани би имало еден грст на контролни механизми кои не би допуштиле и до ден денеска да не се знае за колкав број на пациенти се работи, колкав број на медикаменти, која е цената, јачината или количината на медикаменти кои се потребни.

„Доколку имате здравствена политика во рамки на одредена Влада да ги укинете сите контролни механизми тогаш вие тенденциозно создавате хаос кој беше разгледан и на Анкетната комисија. Се зборуваше за хаосот од укинувањето на като системот, електронската евиденција во Министерството за здравство, немањето протоколи, до одлуки на управен одбор кои биле нонсенс“, изјави Мизрахи.

Таа посочи дека ако била пропишана патеката на движење на пациентите тогаш ќе имало точен увид за колку пациенти би изнесувала услугата за секој од нив да добие своја терапија.

„Овој случај го нарекувам и политички карцином на здравствениот систем поради тоа што само политички карцином можел да доведе до ваква ситуација, нарачан, тенденциозен од Владата кон сите структури на здравствениот систем кој ја имале контролата на функционирање“, кажа Мизрахи.

Таа заклучи дека во Македонија премногу често се зборува за реформи и нови законски решенија, но оваа држава од почетокот на своето постоење од 1991 година донела над 7 илјади законски решенија и закони за здравство, но „проблемот е што се дозволило да се прекршуваат законите и да се оди преку нив или околу нив“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ