Министерот за одбрана Владо Мисајловски во посета на припадниците на баталјонот за Специјални сили – Волци во касарната „Илинден“ во Скопје бил заедно со началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
За време на посетата Мисајловски, како што соопшти Министерството за одбрана, бил брифиран за историјатот на единицата, мисиите и задачите кои ги остварува, учеството во мировните операциите, како и во операциите за заштита на источното крило на Алијансата мисијата еВА.
Министерот Мисајловски во разговор со припадниците на единицата упатил благодарност за нивната служба и непоколеблива посветеност.
„Вие сте инспирација и херои на нашата нација. Чест и привилегија ми е да застанам пред вас припадници на најелитната единица на Армијата. Наши чувари на мирот, олицетворение на храброст и посветеност во службата значајни за Армијата и за граѓаните“, истакнал министерот Мисајловски и додал дека ќе направи се за оваа, но и за останатите единици на Армијата, да бидат на уште повисоко ниво на подготвеност и опременост.
При посетата, министерот Мисајловски бил запознат со дел од опремата која ја користат припадниците на единицата и ги посетил објектите на баталјонот за Специјални сили, соопштија од министерството.