среда, 4 декември 2024

Мицкоски: Условите за унгарскиот кредит ќе се знаат до крајот на неделава, компаниите да подготват издржани проекти

До крајот на неделава ќе бидат целосно дефинирани условите за добивање средства од унгарскиот кредит за стопанството во износ до 250 милиони евра, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски  и ги повика компаниите да подготват добри издржани проекти и добар бизнис-план за да можат да аплицираат за добивање на средства по поволни услови.

Објавено на

часот

Сподели

Мицкоски нагласи дека ќе бидат поддржани компании кои ќе вложат во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти кои ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба. Максималниот износ кој можат да го добијат е ограничен на 10 милиони евра, што значи дека кредитот ќе биде до осум милиони евра, а останатите два милиони евра ќе бидат од сопствено учество. Каматната стапка од 1,95 отсто ќе биде фиксна независно од сумата на парите која ќе ја добијат од кредитот.

„ Со дел од банките обезбедивме историски најниска камата од 1,95 проценти под услови до три години грејс период во кои ќе се плаќа само каматната стапка и до 15 години рок на  отплата. Мислам дека е тоа добро за економијата имајќи во предвид дека обврска на компаниите е проектот да го финансираат со најмалку 20 отсто сопствени средства. Со тоа станува збор за најмалку 300 милиони евра инвестиција, а кога на тоа ќе се додадат уште 500 милиони евра што ги реалоцираме од буџетот кон општините стануваат 800 милиони евра“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по поставувањето камен-темелник за изградба на нова градинка во наслебата Расадник во општина Кисела Вода.

Имајќи предвид дека БДП е проектиран на 16 милијарди евра, додаде, станува збор за средства во износ од 5 проценти од БДП кои треба да бидат инвестирани во текот на оваа и следната година.

„ Тоа е алатката со која ќе се бориме против евентуалната економска криза поради кризата во автомобилската индустрија во Европа. Од аспект на енергетските ресурси кај нас мислам дека е оптимална состојбата и дека зимава ќе ја поминеме без поголеми потреси и проеметувања на пазарот. Подготвени го пречекуваме тоа и можеби сме први во регионот и во Европа“, оцени Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ