Станува збор за објект во кој во минатото била сместена Амбасадата на поранешна СФР Југославија во Брисел, а кој согласно Договорот за сукцесија на имотот на некогашната заедничка држава постигнат меѓу земјите наследнички, им припадна на Македонија и Хрватска.
Мигрантите ја „окупираа“ зградата со помош на активисти на здружението Колектив на волонтери за интеграција на лицата без регулиран престој во Брисел (ЦСПБИБ), кои работат на сместување на лицата чии статус не е правно регулиран во Белгија.
Претставник на Здружението за белгиската агенција Белга изјави дека биле принудени да го напуштат објектот на поранешната амбасада откако добиле закана за принудно иселување од страна на сопствениците на зградата, владите на Македонија и Хрватска.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, по напуштањето на објектот на поранешната амбасада, околу 90 мигранти во организација на ЦСПБИБ упаднале во напуштена зграда во бриселската општина Моленбек-Сен Жан. Ова е трета „окупација“ оваа група мигранти во Брисел, по зградата на поранешната амбасада, во која се вселија откако беа принудени да напуштат објект на поранешен хотел во бриселското централно градско подрачје на авенијата Луиз.
„Окупацијата на празни згради се врши со цел да се алармира на недоволната одговорност на властите во однос на домувањето и сместувањето на овие луѓе“, изјави претставникот на здружението, додавајќи дека поголемиот број од мигрантите сместени во новата запоседната зграда се жени и деца.
Според него, ова е единствениот начин за згрижување на овие лица кои се „заборавени од властите“ и нивното сместување во празни објекти не претставува кривично дело.
Тој додаде дека во рамките на нивните надлежности „за борба против бездомништвото“, локалните власти треба да се договорат со сопствениците на празни објекти, кои во Брисел, според него, ги има многу, за да се овозможи привремено сместување на овие лица.
Здружението бара властите на Брисел „да одговорат на виталната итност на ситуацијата“ и да дозволат „окупација“ на згради кои се празни неколку години, па дури и да овозможат „реквизиција на јавни или приватни згради во согласност со законот“.
Белгија се соочува со недостиг на простор за сместување на мигрантите, како резултат на зголемениот прилив на баратели на азил.