Денеска во Министерството за финансии Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска имаа состанок со претставници на Македонската банкарска асоцијација на кој се разговараше за средстава што се дел од заемот од унгарската Влада за македонските компании.
„Состанокот би го поделил во три дела. Првиот дел е оној што се однесуваше на рочноста, времетраењето и слично. Вториот дел е желбата да се учествува во проеткот и третиот дел е поврзан со каматнаата ставка. Ќе почнам од вториот дел дека сакаат да учествуваат како Македонската банкарска асоцијација, дека нејзините членки покажаа несомнен интерес и сите изразија желба да учествуваат во овој процес. Во делот на рочноста заземавме исти, заеднички ставови, дека во зависност од барањата на клиентите ќе ја користиме формулацијата до три години грејс период и до 15 години рок на отплата. Бидејќи членките кажаа дека има поедини клиенти кои можеби сакаат пократок рок и затоа велиме до три години и до 15 години отплата“, рече Мицкоски.
„Во делот на каматата ќе се преговара и оваа недела, и очекувам до крајот на следната недела да се има некаков став поврзан со тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова и би отпочнеме да го аплицираме и да се пренесе на стопанството“, изјави премиерот Мицкоски.