Утрена со света божествена литургија, отслужи отец Алексо Темелко, по што во трпезаријата на црквата имаше богата трпеза за сите верници, а потоа и музичка програма со македонски песни и ора.
„Ја продолжуваме традицијата на одбележување на овој голем празник, посветен на Свети Архангел Михаил – водач на небесните сили, чувар на сите болни и заштитник на Македонците во Пустец. Запаливме свеќа и се помоливме за здравје и напредок“, рече за МИА, Едмонд Темелко поранешен градоначалник на Пустец.
Со него беше и Панди Јани, кој додава дека денешниот празник како домашна слава го слават сите семејства во Пустец.
„Овој божји храм е еден од најубавите во Албанија. Обновен беше пред неколку години на темелите на старата црква, која била урната за време на комунистичкиот период, а се наоѓа во центарот на Пустец, на плоштадот кој гордо го носи името Гоце Делчев. Посакувам сите да бидеме благословени и од големиот Архангел Михаил заштитени“, порача Панди Јани.
На светата божествена литургија освен жители на Пустец присуствувале и жители од останатите населени места од оваа општина.