„Бугаризацијата на Македонците во повеќе општини во Албанија, како дел од заедничките цели на Софиската и Tиранската платформа, на пописот во соседна Албанија, Еди Рама ја спроведе успешно! Според резултатот од пописот, 7.957 се попишани како Бугари, додека само 2.281 се попишале како Македонци, иако никогаш во сите досегашни 11 пописи кои ги има спроведено Албанија, ниту еден жител се нема изјаснето како Бугарин.
Левица претходно ја информираше јавноста за процесот на бугаризација на македонското малцинство во Албанија што се врши преку различни притисоци, поткуп, уцени и закани од страна на бугарските функционери и служби кои „оперираат“ во местата каде живее македонското население. Притисок врз Македонците беше системски и се вршеше заеднички од официјалните власти на Албанија и Бугарија, со што на бугарските служби им се оставени одврзани раце за остварување на своите цели!
За овие проблеми, како и за многу други, Македонците преку своите претставници и здруженија, многупати алармираа до државните институции и до власта на Рама, кои воопшто не реагираа по однос на пријавените проблеми!
За време на пописот многупати реагиравме на оваа тема, обелоденувајќи детали од притисоците кои се вршат и бараше од македонското МНР и од Владата да испратат итна реакција и протестна нота, што, за жал, не се случи.
Актуелната Влада е должна да се избори за Македонците во Албанија да добиваат реципроцитетен однос од државата како што добиваат Албанците во Македонија!
Несомнено е дека пописот во соседна Албанија е спроведен во насока да претстави лажна слика за македонското малцинство и истиот бугарските служби го користат како алатка за бугаризација на Македонците и отворање на патот за нови барања на патот кон ЕУ за земјите од Западен Балкан.
Од Министерството за надворешни работи бараме итна реакција на меѓународна инстанца, оспорување на резултатите од пописот во местата со македонско население во Албанија и претставување на проблемот до Европската комисија, со цел заштита на правото на самоопределување на Македонците и спречување на нивна бугаризација во Албанија!“, се вели во соопштението на Левица.