сабота, 16 ноември 2024

Крмов: Левица ќе ја плати сметката за оштетената опрема ама штетата по демократијата е неповратна

Материјалната штета во Собранието ќе биде платена, но штетата од процесот со кој се укина парламентарна демократија е неповратна, вели пратеникот од Левица Борислав Крмов откако вчера тој и пратеникот Димитар Апасиев предизвикаа инцидент за време на расправата за новиот Деловник за работа на Собранието, а денеска полицијата изврши увид во законодавниот дом. Од Собранието денеска соопштија дека штетата ќе ја утврдува тим од членови на собраниска комисија, осигурителна компанија и Бирото за судски вештачења. Деловникот е плод на шестгодишни преговори помеѓу парламентарните партии и беше изгласан со 83 гласа за и 2 против, токму двата гласа на пратениците од Левица. 

Објавено на

часот

Сподели

По вчерашниот инцидент во Собранието и најавата на спикерот Талат Џафери дека Левица ќе треба да ја плати направената штета, Крмов во интервју за Инфомакс, вели дека тоа не е проблем, и дека слободно може да му ја пратат сметката. Тој нагласува дека во Собранието треба да има судир на идеи и повеќе политички опции, а не да биде како Влада.

„Слободно, тоа е најмалиот проблем. Ќе ја платиме штетата, но штетата од процесот кој што се случи е неповратна. Собранието, на еден начин се самоукина. Собранието сега е само обичен извршител на Владата и следната влада којашто ќе дојде на власт, практично веќе нема да има Собрание“, изјави Крмов.

Според Крмов, по вчерашното фрлање на амандманите што ги поднесоа, „филибастер“ (право на неограничена расправа за одредено прашање) и нов Деловник воопшто и не бил потребен. 

Од партијата пак денеска објавија дека со вчерашното носење на новиот Деловник во Собранието „се формализираше диктатурата на широката коалиција“.

„Овој режим на СДС-ДПМНЕ-ДУИ, кој ги уништи сите аспекти од општествениот живот и ја турна Македонија да робува на секакви бизнис зделки и великодржавни апетити – кој ги аболицираше функционерските криминали и го пороби обичниот народ, за олигарсите од раководствата на партиите да владеат непречено и да се богатат, сега веќе и со интервенции во правниот и политички систем го задава последниот удар врз привидот за слобода и владеење на народот. Македонскиот народ, под деценискиот притисок на овие човекојадци од СДС-ДУИ-ДПМНЕ го пронајде во своите редови оружјето со кое ќе се одбрани од оваа ламја со три глави – преку партијата на народните маси Левица, во антифашистички и народен фронт спремен за финална пресметка. Сите велепредавници кои ја овозможуваат и ја продлабочуваат диктатурата на анти-македонската политичка олигархија, ќе се соочат со безмилосен крај кој ќе ги стави зад решетки овие ѕверови кои ја пијат крвта на обичните луѓе“, велат до Левица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ