Но, сепак, пишува Ковачки во писмото, најпрвин претседателот Пендаровски треба да се обрати институционално до министерката за одбрана, Славајанка Петровска, која според Ковачки од собраниска говорница потврдила дека знаела за изнудите на сексуални услуги од високи офицери во АРМ, но дека не преземала ништо против нив.
„Со тоа јас ценам дека создала услови дејанијата да бидат повторувани во недоглед. Не сте преземале ниту Вие, со што и Вие создавате услови овие дејанија да продолжат да се повторуваат. Знаете дека офицерите во ранг генерал и полковник се во Ваша директна надлежност и за истото по службена должност требало да Ве информира Министерката за одбрана. Не навлегувајќи во овој момент во други подробности, не сакам да се сомневам дека таква информација истата ја сокрила од Вас. Лично сметам дека таа Ве информирала, но дека заеднички сте се договориле да го забошотите случајот и да не преземете најстроги дисциплински мерки. Доколку пак министерката не Ве информирала, тогаш тоа е сигнал дека има нефункционалност на комуникацијата помеѓу врховен командант и министер за одбрана, а особено поврзана со случки кои може да влијаат и на борбената готовност на АРМ. И во двата случаи – и да сте знаеле, а сметам дека сте знаеле и да не сте знаеле, како што сакате да изгледа е подеднакво поразително за Вас“, пишува Ковачки во отвореното писмо до претседателот Пендаровски.
На крајот, пишува Ковачки, мора да се расчисти кој учествувал во забошотување на случајот и зошто. Тој воедно побара и одговорност за сите инволвирани во овој случај, за кој, тврди пратеникот Ковачки, се случил во АРМ.