Еден од почесните конзули во Македонија во разговор со МКД.мк вели дека сите негови колеги се подготвени на еден ваков чекор и тоа би го направиле заедно со нивните шофери кои во тој период би биле на располагање за потребите на МНР. Сметаме дека договорот со рента кар агенцијата „тежок“ 920 илјади евра само за потребите на самитот на ОБСЕ е навистина премногу, вели тој во разговорот со нас.
„Би ги дале нашите возила кои се и полуксузни и порепрезентативни од оние што ќе се добијат од рента кар агенцијата. Нашите возила се со дипломатски регистерски таблички, а на располагање би ги ставиле и нашите шофери. Освен тоа, секоја амбасада во Македонија секогаш ги опслужува своите министри кои ќе бидат на самитот. Значи има конструкција“, вели конзулот кој сакаше да остане анонимен.
Тендерот на МНР за изнајмување на возила за потребите на самитот на ОБСЕ го доби фирмата „АБЦ рента кар турс“. Она што е индикативно во податоците е договорената цена за изнајмување за едно возило која е за два до три пати повисока од регуларната цена на пазарот. За потребите на самитот на ОБСЕ е предвидено да се изнајмат минимум 35 ВИП патнички возила за осум дена по просечна цена од 550 за едно возило евра со пресметан данок.
За мини ван со осум седишта МНР ќе плаќа 19.200 денари за еден ден без ДДВ, а пазарната цена 10.200 денари на ден. И тука бројката на изнајмени вакви возила е 35. Обично, за изнајмување на поголем број возила се добива попуст, а во овој случај е обратно.
Во ценовникот на АБЦ пишува дека нивното најскапо возило (ауди А4) за изнајмување од 7 до 13 дена дневно чини 296 евра, а МНР за исто такво возило со истата фирма склучи договор за речиси двојно повеќе.
„Министерството за надворешни работи, низ транспарентна постапка, склучи рамковен договор за закуп на возила. Степенот на искористување да договорот ќе зависи како од расположливите ресурси за време на одржување на конференцијата, така и според бројноста на делегациите кои ќе се регистрираат за учество“, одговорија од МНР на бројните медиумски написи.
И за премиерот Ковачевски нема ништо спорно во тендерот. Тој вели дека постапката била во согласност со законите и се распишала оти не сме имале доволно државни автомбили и комбиња.
„Ќе бидат искористени сите возила коишто ги исполнуваат стандардите на ОБСЕ во однос на организирање на ваква меѓународна конференција, а коишто ги користат во моментов државните институции. Со оглед на тоа дека има недостиг на такви возила за потребниот период, Министерството за надворешни работи отвори постапка којашто е спроведена согласно законите и во рамките на тој лимит ќе биде искористено за изнајмување, а не за набавка на возила за делегациите коишто ќе доаѓаат“, рече Ковачевски.
За потребите на самитот на ОБСЕ МНР склучи договор за изнајмување на 175 возила (35 ВИП возила, 70 средна класа, 35 мини ван возила) 25 минибуси и 10 автобуси) во вредност од 960.000 евра со компанијата „АБЦ рента кар“.
А.Д.