петок, 22 ноември 2024
Врие во правосудството по писмото на амбасадорката Агелер

Кавга во Судскиот совет, Весна Дамева разрешена од функцијата претседател

Објавено на

часот

Сподели

Ваквиот потег на Адеми дојде по неколкучасовна кавга за тоа како и во кои случаи може да се разреши претседателот на Судскиот совет. Откако Адеми побара, а Дамева одби да поднесе оставка, Адеми побара членовите на советот да гласаат. Се формираше мнозинство од седум гласа по што Адеми констатираше дека Дамева е разрешена од функцијата. Причина, како што наведе тој, се нарушените меѓучовечки односи.

Меѓу забелешките за работата на Дамева беше и тоа што, дел од членовите на советот ја обвинија претседателката дека го криела писмото што американската амбасадорка Анџела Агелер го испратила до Судскиот совет.

„Прво, не сум го криела писмото. Јас бев на одмор. Вие како потпретседател зошто не им го презентиравте како мој заменик? Особено што се согласувам во целост со писмото. Ние колеги сме поделени. Не се согласуваме со гласањето. Тука гласаме за избор, за разрешување на судии. Сето ова е зашто не се согласуваме во гласањето. Јавноста виде како гласаме и дека не се согласуваме. Се криете колега зад причината, меѓучовечки односи. Ќе си одам со гордо крената глава. Но ви кажувам, Ако не сакаме да одиме по европскиот пат, не знам што ќе се случи со овој Судски совет, со државата. Додека сум член на Судскиот совет ќе се борам да бидат работите како што треба. Врз мене нема притисоци и јас не работам под влијанија однадвор”, рече Дамева.

Но ниту ова не го предомисли Адеми.
 
„Претседателката е разрешена и веќе не може да раководи со седницата. Утре, во 11 часот закажуваме нова седница. За денеска седницата е завршена“, констатира заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми.

За Дамева одлуката е незаконска, а ако се озакони, рече таа, луѓе од политиката ќе бидат задоволни.

„Ви благодарам многу, ме спасивте мене, оваа одлука е противзаконска. Но, нечии желби треба да бидат исполнети. Со гласање од седум гласа, каде што нема утврдено ниту основ за разрешување ниту број на гласови со кои се носи одлуката, ме разрешуваат…Ова не знам како ќе заврши, освен што одредени лица од политиката ќе бидат задоволни од ова. Судскиот совет се вклучи во анархија. Сè излезе од контрола. На мое присуство ми зеде право на збор. Избор се прави со осум гласа, а се зема мандат со седум гласа“, додаде Дамева.

Taa не дообрајсни зошто последниве недели некој сака да ја смени ниту дали е тоа поврзано со одговорност и разрешување на судии кои требало да ги стави на дневен ред и за постапката во процедура за разрешување на судијата Енвер Беџети, познат по тоа дека девет месеци го држел предметот Таргет-Тврдина во кој обвинет е Сашо Мијалков.

Американската амбасадорка Агелер на 11 април годинава испратила писмо до судските и извршните органи во кое изразува загриженост поради одлуката на Апелациониот суд – Скопје да врати во првостепена постапка на повторно судење неколку предмети од, како што наведува, високи профили.

Во писмото Агелер ги истакнуваат напорите на САД и вложените половина милијарда евра за реформи во судството. 

„Секој ден сѐ повеќе сум загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од високи профили) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад, меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“, наведува амбасадорката Агелер во писмото.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ