Според високорангиран руски воен службеник, борбениот потенцијал на американската поморска група што влезе во Хормушкиот теснец е поголем од тој на иранската флота и на крајбрежните единици стационирани во регионот.
„Борбените ресурси на иранската флота не може да се споредат со потенцијалот на борбената група на американскиот носач на авиони што влезе во Хормушкиот теснец и не се во можност да им се спротивстават. Дефинитивно не“, изјави заменик-командирот на флотата, адмиралот Иван Капитанец за Интерфакс.
Носачот на авиони „Џон Ц. Стенис“ и придружните бродови влегоа во просторот каде што се одржуваа иранските поморски вежби, источно од Хормушкиот теснец.
Капитанец изјави дека американските поморски сили ќе ги уништат иранските крајбрежни инсталации.
„Американските постапки дефинитивно се провокативни, но тешко дека ситуацијата ќе нарасне до директен воен судир”, изјави тој. „Ситуацијата во регионот е мошне комплицирана, но тешко дека ќе дојде до воени акции“.
Иранците не се согласуваат со него. Тие тврдат дека нивните вежби се во рамките на нормите на меѓународното право и треба да бидат почитувани.
„Подготвени сме да му се спротивставиме на непријателот, кој ги прекрши безбедносните параметри поставени за вежбата во согласност со меѓународното право“, изјави Сејед Махмуд Мусави, заменик-командирот за операции на иранската флота.