недела, 22 септември 2024

Франција доби нова влада од десниот центар два месеци по изборите

Франција доби нова влада од десниот центар на чело со Мишел Барние денес, речиси два месеци по парламентарните избори на кои немаше јасен победник, а ги продлабочија политичките поделби додека земјата се бори со економски и дипломатски предизвици.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Новата 38-члена влада има најмногу министри од центристичкиот сојуз на претседателот Емануел Макрон и конзервативната републиканска партија.

Жан Ноел Баро, новиот министер за надворешни работи е центристички политичар познат по својата работа во дигиталната трансформација и европски прашања.

Нов министер за финансии е Антоан Арманд, кој ќе мора да предложи буџет за 2025 година среде притисокот на Брисел да се реши сè поголемиот долг на Франција.

Себастијен Лекорну останува на местото министер за одбрана. Тој досега беше клучен во јакнењето на воените капацитети на Франција, вклучувајќи модернизација на одбранбените системи и испраќање воена помош на Украина.

Способноста на Барние ефикасно да владее веќе е под лупа, а неговите политички противници од левицата порачаа дека ќе го предизвикуваат на секој чекор.

Партијата од крајната левица на Жан Лук Меланшон Франција непокорна, одржа денес протести против неговата влада и именувањето на Барние го нарекува негирање на волјата на гласачите.

Националниот собир, крајно десничарската партија на Марин ле Пен соопшти дека внимателно ќе ја следи работата на владата и дека има доволно гласови во парламентот да ја урне, но изрази спремност да соработува за клучните буџетски прашања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ