Годинашен добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело е францускиот кинематографер Бруно Делбонел, кој ќе присуствува на свеченото отворање и ќе ја прими наградата. Добитничка на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност е истакнатата полска кинематограферка – Јоланта Дилевска.
На свеченото отворање ќе биде врачена и наградата што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) – „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, чиј добитник е Димитар Грбевски, македонски филмски и телевизиски монтажер.
Почнувајќи од утре, прв пат на Широк сокак во центарот на Битола, ќе бидат откриени ѕвезди на сите досегашни добитници на наградата „Златна камера 300“ која се доделува за животен опус со годината кога ги добиле, почнувајќи од двајцата браќа Манаки, во чија чест е насловен фестивалот.
Двајцата браќа, Јанаки и Милтон Манаки, ќе добијат по една ѕвезда, во присуство на членови на нивното семејство.
Годинава ќе бидат откриени 18 ѕвезди. Шестмина од досегашните лауреати ќе присуствуваат на свеченоста на која секој ќе ја открие својата ѕвезда. Тоа ќе го направи и годинашниот добитник на „Златната Камера 300“ за животен опус, францускиот кинематографер Бруно Делбонел.
На годинашното издание на фестивалот, најавено е присуство на 300 до 450 гости меѓу кои претседатели и претставници на бројни национални и меѓународни кинематограферски организации, реномирани светски кинематографери…
Во Битола ќе пристигнат и 17 врвни мајстори на филмската камера кои за својата работа се закитиле со бројни награди од најпрестижните филмски фестивали и асоцијацијации. Во седумте фестивалски дена публиката ќе има можност да погледне 65 филмски остварувања.