„Со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде вам, на вашиот посебен идентитет и на вашиот јазик, македонскиот јазик“, наведе Фон дер Лаен, изразувајќи задоволство што нејзината турнеја низ земјите од Западниот Балкан во следните три дена ја започнува токму од Скопје.
Претседателот Стево Пендаровски вечерва ја прими претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, која престојува во посета на Македонија. Како што соопшти прес-службата на претседателот, тие разговарале за процесот на пристапните преговори на земјава за членство во Европската Унија, за актуелните политички случувања во Македонија и за тековните состојби во регионот.
„Во таа насока беа разменети информации за натамошните фази во преговорите по завршување на скриниг прoцесот и за динамиката на спроведување на реформите“, стои во соопштението.
„На средбата беше разговарано за претстојниот извештај на ЕК за напредокот на Северна Македонија како земја-кандидат, како и за Планот за раст на Западниот Балкан, при што претседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката и посветеноста од ЕУ на политиката на проширување и интеграција на земјите од Западен Балкан. На средбата беа разменети мислења за стратешката важност од спроведување на измените на Уставот и натамошните импликации врз европската перспектива на земјава“, се наведува во соопштението на претседателскиот Кабинет.