На македонскиот шаховски аудиториом Инѓиќ му е познат како прва табла на ШК Алкалоид за време на последните три државни првенства, каде што секоја екипа има право на двајца странски играчи, при што „фармацевтите“ од година во година се потврдуваат како најдобар клуб во државата.
Можеби е клише прашање, но имајќи предвид дека на овој турнир влезе како 33 играч по рејтинг, дали се надеваше дека можеш да ја освоиш титулата?
– Пред почетокот на турнирот имав цел да бркам пласман меѓу првите 20, бидејќи со тоа се обезбедуваше учество на Светскиот куп. Турнирот добро се одвиваше и некаде од средина на турнирот мојата цел се смени и решив да одам на победа. За тоа веројатно беше пресудна победата над прворангираниот играч Федосеев.
Колку настапите во текот на годината со ШК Алкалоид ти помогнаа во темпирањето на формата за овој турнир?
– Секогаш уживам кога играм за ШК Алкалоид, тоа е одлично организиран клуб, има одлично раководство и многу сум среќен што ме повикаа и во настапите од Европскиот клупски куп. Со нив освоив сребрен медал во генерален пласман, а исто така освоив и медал за настапот на шеста табла. Тие резултати ми ја зголемија самодовербата бидејќи тој турнир беше еден месец пред Европското првенство.
Актуелниот бранител на титулата, Алексеј Сарана, не беше на овој турнир, но минатата година тој играше под знамето на Србија и заедно го освоивте и златото на Екипното европско првенство. Дали веќе искомунициравте, можеби би бил интересен меч меѓу вас двајца?
– Алексеј не можеше да настапи и беше на турнир во Индија, но ми се јави да ми честита. И нему му кажав дека во него имав добар пример, „собрав“ некои сознанија. Инаку, пред ЕКК со ШК Алкалоид, бев со него и со српската репрезентација во Будимпешта на Шаховската олимпијада и таму го освоивме петтото место, заедно со Ивиќ и Предке. Кога би имало интерес кај некој организатор за таков меч, да подготви услови и да го приреди тој спектакл, тоа би било прекрасно, но засега немам таква најава.
И Ивиќ е член на ШК Алкалоид, а на Европското се најде зад вас, на делба на третото место. Дали за време на овој турнир ја задржавте блискоста или бевте конкуренти?
– Со Велимир сме блиски и заедно играме и во ШК Алкалоид и во репрезентацијата. Ми беше голема поддршка на дневна основа, секогаш разговаравме, но не се сретнавме во текот на првенството. Многу е битно за такви големи натпреварувања да имаш близок човек покрај себе, да си помагате и да се охрабрувате.