Европската вселенска агенција (ЕСА) соопшти дека Италија, Шпанија, Франција, Германија и Полска би можеле да доживеат екстремни временски услови. ЕСА ги следи температурите на копното и морето преку своите сателити.
Во Грција се стравува од поголем ризик од шумски пожари, особено во областите со силен ветер. Таа земја беше погодена од големи шумски пожари минатата година за време на исклучителениот топлотен бран.
Во Хрватска вчера избувна најголемиот пожар ова лето. Во Гребаштица кај Шибеник изгореле покриви од куќи и автомобили. Пожарот беше ставен под контрола дури утринава.
На почетокот на оваа недела, маж на возраст од четириесет години почина од топлотен удар откако колабирал во северна Италија. Неколку туристи колабирале од топлотен удар, меѓу кои и еден Британец пред Колосеумот во Рим. Причината е топлотниот бран Кербер – именуван по чудовиштето со три глави што се појавува во Пеколот на Данте.
Италијанските метеоролози предупредуваат дека следниот топлотен бран – наречен Харон по чамецот кој превезувал души во подземјето во грчката митологија – следната недела повторно ќе донесе температури над 40 степени Целзиусови.
Грчкото Министерство за култура најави затворање на Акропол од 12 до 17 часот по локално време, наведувајќи дека веројатно слични мерки ќе важат и утре. Температурите се очекува да достигнат до 41-от степен Целзиусов во центарот на Атина, но Акропол се наоѓа на карпест рид и обично е потопол.
Грчкиот Црвен Крст делеше шишиња со вода и ѝм помагаше на луѓето кои чувствуваат мачнина и вртоглавица од топлината.
Топлотните бранови зафатија и делови од САД, Кина, Северна Африка и Јапонија.
Лекарите ги советуваат луѓето да пијат најмалку два литра вода дневно и да избегнуваат кафе и алкохол кои го дехидрираат организмот. Минатиот месец беше најтоплиот јуни досега, објави Коперник, службата за следење на климата на ЕУ.
Екстремните временски услови кои произлегуваат од глобалното затоплување „за жал стануваат ново нормално“, предупреди Светската метеоролошка организација. Периодите на интензивна топлина се случуваат во рамките на природните временски шеми, но на глобално ниво тие стануваат се почести, поинтензивни и подолги поради глобалното затоплување.