На состанокот, на кој присуствувале и министерот за надворешни работи Бујар Османи, државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања Дрита Абдиу Халили и заменикот шеф на делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, се дискутирало за Извештајот, планирањето на следните чекори за реализирање на стратешката цел за приклучување кон ЕУ, планот за раст и реформскиот план за Македонија и Западен Балкан.
„На средбата беше посветено посебно внимание на следните чекори за планот за раст (на економиите) на Западниот Балкан со заклучок дека извештајот на Европската комисија за нашата земја е рефлексија на нашата секојдневна борба за унапредување на општеството“, се наведува понатаму во соопштението.
Вицепремиерот истакнал дека Македонија продолжува со црвста заложба за спроведување на реформските процеси поддржувајќи го планот за раст за Западен Балкан.
„Планот за раст е резултат на наше барање, со што можеме да користиме привилегии и можности од зачленувањето во ЕУ пред време, односно додека траат преговорите“, кажал Маричиќ.
Во соопштението се наведува дека ЕУ со конкретен план подготвува 6 милијарди евра за Западен Балкан, од кои 1 милијарда евра може да ги искористи Македонија.
Со Планот за раст се овозможува пристап до европскиот заеднички пазар, што ќе значи силен економски напредок. Тоа значи дека нашите производи и услуги може да се пласираат на единствениот европски пазар, информираат од Секретаријатот за европски прашања.
Целта на ЕУ е до март 2024 година да направи прв трансфер на средства кон Македонија и другите земји во регионот на Западен Балкан.
„Владата и администрацијата мобилизираа значајни ресурси и активно учествуваа во скрининг процесот. Ова не значи дека сме ја завршиле работата. Напротив, скрининг процесот ни ја дава основата за дефинирање на идните реформски приоритети од ЕУ агендата, кои треба да се спроведуваат и за кои неминовно е потребен широк општествен консензус. Во таа насока работиме на подготовка на патоказите за владеење на право, реформите во администрацијата и функционирањето на демократските институции“, се наведува во соопштението.
Маричиќ посочил дека стратешката цел на Владата е земјата да станеме полноправна членка на Европската Унија, а со тоа, нагласил, ќе се обезбеди стабилност, безбедност и просперитет на земјата и на регионот.
„Следејќи го Планот за раст можеме да се фокусираме на реформите со кои ќе обезбедиме повеќе инвестиции и поголем прогрес на земјата“, се вели во соопштението.
Претходно, амбасадорот Гир Извештајот на ЕК го предаде во Собранието, на претседателот Талат Џафери,
Како што се наведува во соопштението од Собранието, на средбата, покрај претседателот, присуствувале потпретседателите на Собранието, Горан Мисовски и Хусни Исмаили, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, координаторот на Алијанса за Албанците, Атнан Незири, заменик-координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.
Џафери му се заблагодарил на амбасадорот Гир во име на пратениците за традицијата на презентација на Годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2023 година и истакнал дека Собранието и понатаму останува отворено за сите укажувања во врска со евроатлантските интеграции на земјата.
Амбасадорот Гир, како што се посочува, искажал силно уверување дека проширувањето останува витална заложба и врвен приоритет на Унијата.
Извештајот на ЕК евроамбасадорот Гир најнапред му го предаде на претседателот на Македонија, Стево Пендаровски.
„Извештајот, кој го нотира сработеното од првата фаза за почеток на преговорите со скринингот, прикажува и детална слика за состојбите во македонското општество, а дава патоказ за натамошната работа на институциите, како и областите во кои треба да посветиме внимание“, соопшти претседателот.