Портпаролката на канцеларијата на главниот обвинител во Брисел кажала за Асошиејтед прес дека е отворена истрага за поранешниот комесар Рејндерс во врска со „можна пракса на перење пари“. Таа кажала дека во рамки на истрагата се спроведени и претреси на домови.
Истрагата почнала само неколку дена по истекот на мандатот на Рејндерс како комесар на ЕУ за правосудство, за време на викендот. Тоа беше на таа позиција од 2019 година.
Портпаролката одби да зборува за извештаите на весниците Соар и Фолоу д мани дека истрагата е поврзана со перење пари преку националната лотарија.
Пратеничката група на Рејндерс во Европскиот парламент Да ја обновиме Европа соопшти дека нема да ја коментира истрагата која е во тек.
Каков било скандал кој би го вклучувал Рејндерс би се одразил и на Европската комисија, каде беше задолжен да обезбеди за време на неговиот мандат да се почитуваат западните принципи на владеење на правото, вклучувајќи остра борба против корупцијата, пишува АП.
Според белгиските медиуми поранешниот белгиски министер и европски комесар Рејндерс бил сослушан во белгиската полиција вчера и неговиот дом во Брисел бил претресен, во рамки на истрагата поврзана со сомнеж за перење пари.
66-годишниот Рејндерс е осомничен дека спроведувал перење пари преку купување игри на среќа во време кога сè уште бил министер на белгиската сојузна влада, а износот не е прецизиран, пренесува Франс прес.
„Два дена по завршувањето на мандатот како европски комесар го испрашала полицијата, не е приведен“, кажал извор близок до случајот кој додал дека имало неколку претреси меѓу кои и во неговиот стан во Брисел.
Пред да биде комесар на ЕУ за време на првиот мандат на Урсула фон дер Лаен на чело на Европската комисија (2019-2024) тој бил во повеќе белгиски влади, долго бил министер за финансии (1999-2011) пред да стане министер за надворешни работи (2011-2019).