четврток, 5 декември 2024

Докузовски повеќе не е селектор на Македонија

Објавено на

часот

Сподели

Останува како советник на новиот селектор: Марин Докузовски

Викендов Докузовски имал средба со Даниел Димевски, претседателот на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), на која заемно решиле дека ќе биде најдобро да ја прекинат соработката. Всушност, станува збор за договор за непродолжување на договорот со оглед на тоа што досегашната договорна обврска помеѓу тренерот и МКФ заврши веднаш по крајот на ланското Европско првенство (ЕП) во Литванија, на кое Македонија обезбеди чудесен пласман на четвртата позиција. Како главна причина за раздружувањето се наведува новата работна обврска на Докузовски, кој од утре официјално го презема кормилото на бугарскиот шампион Лукоил Академик.

„Анализирајќи ја новонастанатата состојба, поврзана со новиот професионален ангажман на селекторот и договорните обврски што произлегуваат од него, а бараат целосна физичка и стручна посветеност на клупските обврски, МКФ му изрази поддршка на селекторот во реализирањето на неговата понатамошна кариера. Сепак, на заемно задоволство е договорено Докузовски да остане активно вклучен како советник на новиот селектор, кој ќе биде избран и назначен до крајот на месецот.“, се вели меѓу другото во соопштението од МКФ до јавноста.

За добрите познавачи на кошаркарските состојби кај нас ваквиот расплет на настаните воопшто не е изненадувачки. Одамна се зборува за нетрпението што во изминативе месеци владее помеѓу Докузовски и челниците на МКФ, за што потврда се бараше во неприсуството на сега веќе поранешниот селектор на изборот на најдобрите во 2011 година (наводно поради болест), како и негово неседнување на клупата на националниот тим на хуманитарниот меч, кој во организација на ФОН-универзитетот се случи кон крајот на минатата сезона.

Извори блиски до Докузовски велат дека тој уште пред ЕП бил решен да не ја продолжи соработката со МКФ, поради лошите услови за подготовки пред шампионатот во Литванија и релативно лошиот однос што челниците на Макбаскетот го имале во тој период кон најдобриот тим. Според истите извори, разочарувањето кај Докузовски се зголемило непосредно по завршувањето на ЕП, кога предводниците на македонската кошаркарка не успеале да му обезбедат повеќегодишна спортска пензија идентична на таа што ја добија кошаркарите.

Докузовски на селекторската позиција дојде во декември 2009 година на местото на српскиот стратег Јовица Арсиќ, кого, интересно, сега го менува и на тренерската функција во Лукоил. Тој, во својот втор селекторски мандат (првиот пат беше селектор во периодот од 1999-2001 година) ја предводеше Македонија на вкупно 19 официјални натпревари под капата на Европската кошаркарска федерација (ФИБА-Европа) со учинок 12-7. Прво, Докузовски имаше скор 5-3 во квалификацискиот циклус во 2010 година додека на ЕП во Литванија ја предводеше жолто-црвената чета до седум победи и четири порази.

[video:http://www.youtube.com/watch?v=iMg1XwY1eJc&feature=related]
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ