сабота, 16 ноември 2024
Разговор со градоначалникот на Куманово

Димитриевски: Жени отидоа во Сопот на увид зашто е безбедносен проблем, постапката за дивоградба ќе ја терам до крај

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски во разговор за МКД.мк вели дека повторно ќе испрати инспектори на терен кај Сопот, за да се утврди дали плочата на голема Албанија е поставена или не во рамки на т.н. Музеј на ОНА кој и самиот е дивоградба. Димитриевски уверува дека без оглед што државата мижи пред проблемот и му го остава нему знаејќи дека самата Општина не може да се справи во целост, а обвинителството исто така молчи, тој ќе иницира законска постапка за да се утврди кој го подигнал објектот и потоа ќе ја продолжи постапката за негово уривање. Во разговорот тој ни откри дека местото на објектот е небезбедно, дека инспекторите се плашат и дека последниот увид за Општината го изршила екипа на жени, бидејќи самите кажале дека веруваат оти нив како жени не би ги нападнале. Или ќе бидеме држава или ќе живееме како диво племе, нагласува Димитриевски.

Објавено на

часот

Сподели

-Градоначалниче, дали плочата на голема Албанија уште се наоѓа во Сопот или не? Претходно ми изјавивте дека последната информација е дека е тргната.

Вчера плочата беше таму. Таква информација добив од моите луѓе. Потоа јас приватно пратив луѓе на лице место и тие ми рекоа дека плочата ја нема. Вечерта пак ми донесоа информација дека плочата е таму. И, последната информација, со која и сега располагам, е дека плочата не е таму. Но не знам дали и во моментот плочата е таму или не. Изгледа луѓето кои се инволвирани во оваа нелегална градба каква што е тој т.н. музеј во Сопот, имаат препирки меѓу себе, се силат едни на други, па ја тргаат и ја враќаат плочата или пак станува збор за нешто друго. Но објектот се наоѓа на државно земјиште, станува збор за огромен блок.

д

Инаку, таму има многу дивоградби, за дел од нив се поднесени барања за легализација. За конкретниов објект ќе видиме дали имало барање за легализација. За овој објект, комплекс, музеј како што го нарекуваат, и да имало барање за легализација, не може да се издаде решение, бидејќи непознатото лице (НН лице) нема имотен лист, а освен тоа станува збор за државно земјиште. Како и да е, станува збор за објекти изградени по 2011 година, што значи дека не можеле да се легализираат, па ние ги бележиме како спорни и ги ставаме во процедура и според постапката треба да се одбиваат. Проблемот со дивоградбите е многу голем. Имаме 26 илјади дивоградби или објекти со пречекорување на димензиите на територијата на Општината. За добар дел од нив е завршена постапката, а за другите сме во контакт со ЗЕЛС. Уривање на толкав број на објекти е голем проблем, тоа е неможно една општина да го заврши како работа и како трошок.

-Рековте дека испративте луѓе за да извршат увид во однос на самата плоча на голема Албанија, како случај кој ја подигна политичката температура во земјава по обраќањето на лидерот на ДУИ токму од Сопот и каде изјави дека еден ден границите со Албанија и Косово ќе бидат избришани, додавајќи дека тоа ќе биде возможно со членство во ЕУ, а претходно кажа дека сонот на некогашните борци бил голема Албанија, но дека прагматизмот победил. Што велат вашите луѓе за тој терен таму кај Сопот?

Сопот е голем објект, со ограда која чини накај  40 илјади евра. Зошто инспекцијата  тоа претходно не го воочила? Имаме реонски инспектори. Ќе речат тоа е работа на Општината. Ние постапуваме по пријава или ако самиот инспектор воочи на лице место.

д

Но знаете и самите, тоа се села и територии каде практично немаме владение. Таму одат само мешовити полициски сили, граничната полиција. Јас не можам да барам од моите луѓе со пушка да одат на тоа или на такви место кои се на самата гранична линија со Србија. Но, МВР можело да воочи дека има таму таков објект и да бара од нас да постапиме. Пријава нема од МВР.. Ќе речете ја префрлам топката во нивен двор. Сосема искрено ви кажувам дека инспекторите не сакаат да одат таму. Не е безбедно. За да отидат таму, побараа полициска придружба. Не добија одговор. Затоа донесовме ваква одлука – испративме жени кои се согласија да отидат и да извршат увид. Веруваа дека врз нив, како жени, тие лица таму, од кои дел се и вооружени, не би извршиле напад. Станува збор за територии кои не ги владееме како држава. Зз жал, таква е вистината.

-Тогаш, како ќе ја спроведете постапката за тој објект во Сопот?

Денеска испратив до МВР барање за поведување постапка да се открие тоа НН лице. Станува збор за кривично дело, изградба на објект на државно земјиште. А да не зборувам за кривичното дело што го направи Али Ахмети со изјавите од Сопот и со самиот негов чин. Но тоа е работа на МВР и обвинителството да реагираат зашто тоа што таму се случи и се прикажуваше, е работа од нивна надлежност.

ј

И уште нешто во тој контекст. Според законот, огласивме на две табли во Општината и во инспекцијата за овој случај на НН лице. По законските три дена ако не се открие лицето кое стои зад дивоградбата, ние ќе поднесеме кривична пријава до Јавното обвинителство. без оглед што е тоа работа на МВР. Паралелно со тоа, ние ќе носиме решение за отстранување на градбата. Сакам работата да ја истерам до крај.

Сличен случај имаме со Вахабистичката џамија во Куманово. Обвинителството си молчи за овој случај и никој во државата не сака да ми помогне. А не можеме без вклучување на МВР и обвинителстевото  да ја урнеме.

-Проблем од финансиски и безбедносен аспект?

За вакви случаи не се јавува никој на тендер за да го изврши уривањето, освен повремено една фирма која нуди баснословно високи цени кои не можеме да ги платиме, бидејќи нема од каде да се покријат потоа парите. Како пример, за едно кафуле ни беа наплатени 3 милиони денари, кои потоа немавме како Општина откаде да ги наплатиме. Или за четири гаражи 1,5 милиони.

Затоа велам, ако се вклучат обвинителството со постапка, на крајот ако судот пресуди по закон, со минимум 6 месеци  условна затворска казна, тогаш државата го одзема објектот и станува сопственост на Македонија. За случајот Сопот тоа што треба да се стори е во брза постапка да се донесе судска одлука и потоа евентуално државата ќе може да прави што сака  со тој објект, комплекс, што и да е.

-Се чини дека е безизлезно решавањето на овој проблем како дивоградба…

Јас постсапката ќе ја терам до добивање на решение за извршување. Извршителот потоа сигурно ќе побара меѓу 100 и 150 илјади евра. А кога ќе дојде за извршување сигурно ќе дојдат лица од делови од  целата земја за да го спречат уривањето. И? И кој всушност го направи проблемот?  Па Ахмети и неговите луѓе.  Погледнете ги фотографиите од настанот. Со Ахмети се бројни луѓе кои се во власта, во Владата, во Собранието, во локалната власт како и поранешни команданти во УЧК. Тоа е вистината. Поделена власт имаме во државата.

д

И затоа, бидејќи таквата поделена власт не сака да реагира, проблемот е во мојот двор. И ми го оставаат мене и тоа го сакаат затоа што јас го издигнав проблемот кога во Тетоо беше истакнато знамето на голема Албанија во Тетово, се сеќавате. Оставаат на мене, а знаат дека таков проблем тешко може да го реши еден поединец или самата Општина, каде имате и гласање според бадентеровиот принци. Можеби и сакаат да отидам лично таму и да се соочам со опасност од линч?

Ако е така, тогаш добро забележав дека нема решение…

Или државата ќе спроведува закон или ќе треба нова елита да ја води државата, или ќе живееме како диво племе. Имаме самовластие кое ги нарушува меѓуетничките односи. Каде е државниот обвинител да се огласи? Можеме ли сами да решаваме вакви проблеми? На крајот на краиштата,  зборувавме за наша надлежност во соработка со државни органи. Но, еве дека има и друго решение, но доколку се сака – ќе ве потсетам на дивоградбата кај ТЦ Мавровка во Скопје од пред некоја година. Случајот беше високо медиумски покриен. Соочувајќи се со огромните критики во јавноста, Владата тогаш реши да настапи државата и ја урна дивоградбата. Значи можело и така. Друга работа е потоа дали тоа беше вистинска разрешница на тој случај или не.

                                                                  Панта Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ