„Поддршката за европската индина на Република Северна Македонија е силна како од институциите на ЕУ, така и од земјите членки на ЕУ. Со последната одлука што беше донесена во јули 2022 година имаше еден европски предлог што беше усогласен и всушност беше можност за отворање на пристапните преговори со вашата земја. Од друга страна, ова беше можност земјата да се придвижи напред и се разбира за да се придвижи треба да се усвојат уставните измени. Навистина искрено се надеваме дека земјата ќе може да се придвижи напред со усвојување на уставните измени, исто и со спроведување на реформите што всушност се дел на европскиот интегративен пат на вашата земја“, рече Гир кој со премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерт за европски прашања Бојан Маричиќ беше во посетата на компанијата Вива во Скопје.
Премиерот Ковачевски најави посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен на Македонија. Точниот датум ќе биде утврден во наша комуникација, рече Ковачевски.
Зборувајќи за позицијата на Франција рече дека таа е за проширување во овој геополитички момент во Европа.
„Ако погледнете во однос на поддршката која ја дава Франција тогаш да не заборавиме дека нашиот предлог за преговарачка рамка е изработен во рамки на француското претседателство по цели 17 години чекање така што ако зборуваме за курсот на Франција за проширувањето тогаш од сите изјави на претседателот Макрон и од министри кои ја посетија Северна Македонија се работи за држава која е за проширување во овој геополитички момент во Европа“, рече премиерот Ковачевски.
Процесот на проширување, според него, е отпочнат и се надева дека ќе биде завршен. Посочувајќи на пораките од Самитот на Берлинскиот процес во Тирана, Ковачевски рече дека сите претставници на ЕУ, како и на прес-конференцијата што ја имаше францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговата билатерална посета на Албанија, дека процесот е отворен, дека на него се работи и тој ќе биде практично во две патеки – едната е ЕУ да се подготви до 2030 за прием на нови земји членки со оглед на тоа дека треба да функционира со повеќе земји – членки, а од друга страна државите да ги исполнат своите обврски.
„И тоа значи дека оние коишто побрзо ќе ги извршат, направат своите обврски, коишто побрзо ќе ги направат реформите тие први ќе влезат во ЕУ. Јас се надевам дека Северна Македонија ќе ја задржи својата лидерска позиција во делот на европските интеграции во регионот и дека нема да се случи она што не посакувам да се случи, а тоа е да другите земји отидат пред нас, а ние да останеме во група на Косово и БиХ. Со сета почит кон државите, меѓутоа сметам дека ние како држава согласно сите перформанси сме на повисоко ниво и заслужуваме да бидеме земја која прва ќе влезе во 2030 година во ЕУ. Повторувам уште еднаш, сега од нас зависи, не зависи од никој друг“, истакна премиерот.
Тој на друго прашање поентираше дека веќе еднаш Македонија, благодарение на тогашната власт, а која сега е во опозиција, веќе еднаш била одвоена на евроинтегративниот пат, тогаш од Хрватска.
„Се разделивме од Хрватска кога не носевме одлуки. Истите тие кои не ги носеа одлуките сега се против одлуките за европските интеграции. Ние со Хрватска, почнавме заедно, но гледаме каде се тие денес, тие се сега земја членка на ЕУ, го воведоа еврото и се дел од Шенген зоната“, рече премиерот.