Тој кажа дека му е драго што на овој значаен јубилеј, на 30-годишнината од ратификувањето на Конвенцијата за правата на децата и 30 години од работата на УНИЦЕФ, избрано е токму Собранието како претставничка институција на граѓаните, за да се одбележи денот.
„Вие сте идните граѓани на оваа земја и оваа денешна пленарна седница е можност за ваше информирање за тоа која е улогата на законодавниот дом, која е моќта на законите кои се гласаат тука и колку е важна надзорната улога што ја имаат избраните пратеници врз извршната власт, односно министрите кои ги ставаат во живот пишаните законски одредби“, рече Џафери.
Затоа е одлична идејата, посочи тој, да можат од говорница да ги искажат потребите, грижите и решенијата што ги засегаат нив како деца и млади.
„Пред да го изразите вашиот немир, сакам да ве уверам дека ниту ние возрасните не сме имуни на промените низ кои поминувате и вие како деца, заедно со сите нас во ова време на променети услови за живот, учење, растење, во ова време на сериозни закани за жал и по безбедноста на животот на децата“, додаде Џафери.
Тој им рече дека возрасните ќе слушаат внимателно што ќе споделат и ќе се насочат кон подобрување на состојбите во некои од областите што ги тиштат, како на пример во образованието, нивното ментално здравје и нивното учеството во креирањето на политиките.
„Знам дека ова не се вашите единствени грижи, меѓутоа, кога се има јасна визија и искрена волја за менување на нештата, ниту една цел не е недостижна„, подвлече Џафери.
Тој истакна оти ниту едно дете не смее да е надвор од квалитетен образовен систем, систем што ќе се прилагоди на новото време и ќе овозможи личен развој на учениците. Во тој круг на трансформација, додаде Џафери, мора да бидат вклучени подеднакво и учениците и наставниците и родителите.