сабота, 16 ноември 2024

Борбата со недозволена трговија со оружје е приоритет на МВР, вели Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска се обрати на Регионалниот состанок на претставници на гранична полиција и Царинска управа од Југоисточна Европа, во организација на Агенцијата за контрола на мало и лесно оружје во Југоисточна Европа (SEESAC) и Европската агенција за гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти МВР, на состнокот присуствуваше и заменик-амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје Бен Нупнау, како и полициски службеници од граничните полициски и царински служби во регионот на Југоисточна Европа.

Истакнувајќи ја партнерската соработка со СИСАК и ФРОНТЕКС, Спасовски во своето обраќање рече дека управувањето и зајакнувањето на границите со цел справување со сите форми на прекуграничен криминал, меѓу кои и недозволената трговија со оружје е еден од приоритетите на МВР. Во исто време, како што се наведувам и еден од најголемите предизвици, а во таа насока, борбата против недозволената трговија со оружје е издигната на ниво на стратешки приоритет на Министерството за внатрешни работи.

„Во таа насока, согласно стратешката определба на Република Северна Македонија за пристапување кон Европската Унија и усогласување со европските директиви, оваа година ја донесовме Националната стратегија за контрола на мало и лесно оружје и национален акциски план за 2022-2025 година.  Во завршна фаза на усвојување е Прирачникот за мало и лесно оружје за граничните и царинските службеници, во соработка со ФРОНТЕКС, а во соработка со ОБСЕ донесена е и Стандардната оперативна процедура за прибирање и следење на податоци и информации за известувања поврзани со мало и лесно оружје“, истакна Спасовски.

Тој соопшти дека Министерството за внатрешни работи континуирано работи и се залага за зајакнување на своите капацитети. Тоа, како што рече, јасно се гледа преку редовното учество на нашите експерти на регионалните состаноци за огнено оружје на земјите од Југоисточна Европа, организирани од страна на СИСАК, со цел продлабочување на регионалната соработка во борбата со нелегално поседување и трговија со огнено оружје во Југоисточна Европа, преку меѓусебна размена на искуства.

Спасовски рече дека  активно се работи и на спроведување на сите планирани активности за остварување на поголеми резултати во подигнувањето на јавната свест за опасностите од злоупотреба на огнено оружје, спречување на трговијата со оружје, како и воспоставување ефикасни системи за размена на информации.

Неодамна одржаната Обука за етиката во информирање на јавноста за родово базираното насилство, со фокус на инциденти со злоупотреба на огнено оружје, организирана од СИСАК, на која учествуваа и вработени во МВР но и медиуми беше уште една убава можност да се поработи во истата насока, рече Спасовски, кој порача да продолжат да се организираат настани од ваква природа, со кои ќе се подигне свеста во борбата против злоупотребата на огненото оружје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ