петок, 18 октомври 2024

Блумберг: Што ако Путин победи?

Застојот околу понатамошното испраќање помош за Украина во Соединетите Американски Држави и Европската Унија доведе до тоа многумина на Западот да почнат да зборуваат за она што во тој дел од светот до неодамна беше табу: Владимир Путин би можел да победи.

Објавено на

часот

Сподели

Откако доби повеќе од 110 милијарди долари помош од Брисел и Вашингтон, никој повеќе не е сигурен колку Киев ќе може да издржи во конфликтот со Русија, пишува Блумберг.

Европските функционери почнаа да ги разгледуваат последиците од неуспехот на НАТО во најголемиот конфликт на европско тло од крајот на Втората светска војна, кој би ја довел во прашање посветеноста на САД на колективната безбедност на континентот, наведува американскиот портал.

Неуспехот би имал подалекусежни последици од катастрофалното американско повлекување од Авганистан во 2021 година, додека некои се плашат дека Доналд Трамп, доколку победи на претседателските избори во САД, би можел да се повлече од НАТО и да постигне мировен договор со Путин.

Растечката загриженост е сè поочигледна во официјалните изјави на западните функционери.

„Доколку Украина ја нема поддршката од ЕУ и САД, Путин ќе победи“, кажа ирскиот премиер Лео Варадкар на самитот на Европскиот совет, откако лидерите на ЕУ не успеаја да се договорат околу пакетот помош за Киев тежок 50 милијарди евра за четири години.

Од другата страна на Атлантикот, американскиот претседател Џо Бајден кажа дека тие ќе ја поддржуваат Украина „колку што ќе можат“, наместо претходното „колку што ќе биде потребно“.

Дел од републиканците во Конгресот одбија да го поддржат пакетот помош за Украина вреден 61 милијарда долари додека администрацијата на Бајден не се согласи околу нивните барања за заштита на јужната граница на САД.

Договор сè уште не е постигнат, а Пентагон предупреди дека парите за понатамошно вооружување на Украина ќе пресушат до 30 декември ако не се преземат потребните мерки.

Уште еден фактор кој влијае на падот на ентузијазмот за поддршка на Украина на Западот е и неуспехот на контраофанзивата, наведува Блумберг, а малку кој и понатаму верува дека Киев може да ги исполни своите зацртани цели.

„Постои сè поголема загриженост околу недостигот на напредок во испраќањето помош на Украина на двете страни на Атлантикот, како и фрустрација поради стагнацијата и лошата ситуација на фронтот“, вели Кристин Берзина од Германскиот Маршалов фонд во Вашингтон.

Таа додава дека постои можност Украина „да изгуби уште територии, а можеби и својот суверенитет“.

Блумберг наведува дека украинските поддржувачи во САД И ЕУ веруваат дека нова рунда помош ќе биде одобрена на почетокот на следната година, но дека е малку веројатно дека тоа ќе доведе до промена на бојното поле.

На подолг рок, перспективата за Украина е далеку понејасна, дури и ако станува поизвесно дека застојот на бојното поле би можел да потрае со години.

Претходното уверување дека „инвазијата била стратегиски пораз за рускиот претседател“ бледнее, заменето е со чувство дека проценката на Путин сепак се покажала како правилна, оценува Блумберг.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ