Токму поради тоа, подвлече, Комисијата утврдила дека кога не постои учебник како основно средство за изведување наставно-образовен процес, тие ученици немаат еднаков пристап до квалитетно образование во споредба со оние што имаат учебници и затоа подготвува тужба за заштита од дискриминација против Министерството за образование и наука.
„Комисијата донесе одлука и таа се спроведува. Ќе поднесеме пред граѓански суд тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес заради недостиг на учебници. Она што го констатиравме во своето работење. Во тој случај Комисијата ќе е една странка од спорот и започнува со стратешко застапување на интересите на учениците. Нивен интерес е да добиваат квалитетно образование, а тоа значи учебник по секој наставен предмет, во секое одделение и на секој јазик на кој се одвива наставата. Тужена ќе биде државата, односно МОН. Тужбата ја подготвуваме и ќе ја поднесеме заедно со нашите стратешки партнери, Македонското здружение на млади правници“, изјави Бендевска.
Во однос на претставките на граѓаните со бугарска самосвест, рече дека значително се намалени, но во пораст бил бројот по други дискриминаторски основи.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во соработка со ОБСЕ денеска во Струга ги информираа граѓаните на кој начин можат да поднесуваат претставки доколку се дискриминирани од органите на државната управа или приватни субјекти.
Од формирањето на Комисијата досега, во период од две и пол години, Комисијата работела на околу 850 претставки од кои половина се во првите девет месеци од оваа година, што самото по себе говори за зголемениот интерес да се пријави дискриминација.
Според Бендевска, дискриминација има на секој чекор и по секоја дискриминаторска основа, но не секоја повреда на право значи дискриминација.