„Курти призна дека нема никакви докази за овој случај. Така се покажа дека нападот на официјален Белград е празна приказна и дека всушност целта на случајот со оштетувањето на каналот е да се искористи во политички цели и за предизборната кампања на Курти“, се наведува во соопштението кое е реакција на прес-конференција на Курти.
Во соопштението не е одговорено на барањето на Курти за екстрадиција на Милан Радоичиќ на приштинските власти.
Курти тврди дека српскиот политичар и бизнисмен е „суштинската причина“ за нападите кои се случиле и кои можеби ќе се случат во иднина на Косово.
Нападот на Ибар-Лепенац е трет во последните 72 часа на северот на Косово, населен главно со Срби, по експлозиите кои се случија во полициската станица и општинската зграда во Звечан.
Експлозијата на каналот во општината Зубин поток не предизвикала жртви, но направила голема пукнатина на страничниот ѕид, што предизвикало истекување на вода од каналот, поради што делови од Косово се соочија со недостиг од вода.
Приштина за овој инцидент го обвини Белград, што Белград го негира.