„Денеска потпишав помилување за мојот син Хантер“, рече тој во соопштението објавено од Белата куќа.
Иако Бајден претходно уверуваше дека нема да даде претседателско помилување за својот 54-годишен син, зависник од дрога кој е на лекување, а кој стана мета на републиканците, вклучувајќи го и новоизбраниот претседател Доналд Трамп, сега одлучи сепак да го стори тоа.
Во интервју за Еј-би-си њуз, тој одговори со „да“ на прашањето дали ја отфрла можноста за помилување на Хантер. Со „да“ одговори и на прашањето дали ќе ја прифати пресудата за неговиот случај.
Белата куќа неколку пати одговараше и на новинарски прашања дека Бајден нема да го помилува својот син.
„Ниеден разумен човек кој ги гледа фактите за случаите на Хантер не може да дојде до друг заклучок освен дека Хантер е издвоен само затоа што е мој син, а тоа е погрешно“, рече Бајден.
Одлуката ја донесе викендов.
„Верувам во судскиот систем, но (…) исто така верувам дека груба форма на политика го зарази овој процес и доведе до пропуст на правдата. И кога ја донесов оваа одлука викендов, немаше смисла да се одложува. Се надевам дека американскиот народ ќе разбере зошто татко и претседател би ја донел оваа одлука“, истакна тој.
На социјалната мрежа Трут соушл, Трамп го спореди помилувањето на Бајден со одлуката со која демонстрантите кои учествуваа во немирите на Капитол Хил на 6 јануари 2021 година беа осудени на неколку години затвор.
„Дали помилувањето што Џо го даде на Хантер ги вклучува и заложниците кои сега се во затвор со години? Каква злоупотреба на правдата“, рече Трамп.
Хантер е син на Џо Бајден и неговата прва сопруга Неилија, а Хантер го добил името по моминското презиме на својата мајка.
Тој имал две години во декември 1972 година, кога – помалку од шест недели откако неговиот татко бил избран во Сенатот на САД – камион удрил во семејниот автомобил.
Во несреќата загинале неговата мајка и помладата сестра Наоми, а тој се здобил со фрактура на черепот. Постариот брат на Хантер, Бо имал скршена нога.
Џо Бајден не бил во автомобилот со нив, а Бо Бајден почина од рак на мозокот во 2015 година.
Синот на Џо Бајден беше осуден на почетокот на оваа година затоа што лажел за зависноста од дрога кога купувал пиштол – прекршок во Делавер, упориштето на Бајден. Во септември тој се изјасни за виновен за даночна измама и чекаше да види каква казна ќе добие во секој од овие случаи.
Инаку, Хантер Бајден е прв син на американски претседател кој е кривично гонет додека неговиот татко е на власт. Судењето се очекуваше да се фокусира на долгогодишната злоупотреба на крек кокаин и зависноста на Хантер Бајден, за што тој јавно зборуваше и беше истакнат дел од неговата автобиографија од 2021 година, наречена „Убави нешта“.
Џо Бајден ги игнорираше прашањата на новинарите во врска со помилувањето на неговиот син додека тој се упати кон она што веројатно ќе биде негово последно патување во странство на функцијата – во Ангола.
Хантер Бајден призна дека почнал да пие како тинејџер, а да се дрогира како студент. Оттогаш неколку пати бил на рехабилитација.
Во изјава испратена преку е-пошта, Хантер Бајден рече дека никогаш нема да го земе здраво за готово олеснувањето што го добил и вети дека животот што успеал да го обнови ќе го посвети на „помагање на оние кои сè уште се болни и страдаат“.
„Признав и преземав одговорност за моите грешки во најтемните денови на мојата зависност – грешки кои беа искористени за јавно да ме понижат и засрамат мене и моето семејство поради политички игри“, рече тој.