Неколку часа пред неговото прво претседателско патување во Азија, Бајден во Белата куќа се состана со шведската премиерка Магдалена Андерсон и со финскиот претседател Саули Нинисто за да разговараат за нивните барања за членство во НАТО.
„Ова е историски настан, пресвртница во европската безбедност. Две нации со долга традиција на неутралност ќе се приклучат на најмоќниот одбранбен сојуз во светот“, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан.
Турција изрази сомневање за влезот на Финска и Шведска во алијансата, барајќи од Шведска да престане да ги поддржува курдските милитанти кои Турција ги смета за дел од терористичка група и двете земји да ја укинат забраната за продажба на одредено оружје на Турција.
Саливан во средата им рече на новинарите дека американските власти се убедени дека можат да ги решат грижите на Турција, а Бајден рече дека смета дека се ќе биде во ред по ова прашање.
Сите 30 земји-членки на НАТО мора да го одобрат влезот на новите членки. Турскиот претседател Таип Ердоган во видеото објавено на Твитер во четвртокот рече дека Турција им кажала на сојузниците дека ќе го отфрли шведското и финското членство.