„Во таа редукција на материјали само го следев законскиот пат како тоа системот требал да функционира, за дефектите кои се детектирани од ДЗР, како механизмот требало да ги блокира понатамошните дефектури на Клиниката, како требало системот да реагира и да ги заштити пациентите и нивните основни права на лекување и право на живот кој е уставно загарантиран“, рече Мизрахи според која тоа укажува на целосно затајување на здравствениот систем односно дека здравствена политика била да се прекршат сите закони.
Пратеникот од СДСМ Ненад Коциќ истакна дека Уставот и законот во оваа држава гарантира право на живот на секој човек, уште откако сме независна држава, а пратениците се тука да ја работат својата работа. Дали пациентите и пред 2017 година имале право на живот со терапија која што постоела меѓутоа никогаш не им била достапна тоа е, рече тој, работа која што ќе треба да ја суди јавноста, ако на Клиниката за онкологија била достапна само една формула за биолошка терапија, а денеска постојат повеќе од 30 формули. Нагласи дека токму набавката на овие над 30 формули терапија покажува дека целта на здравствената политика не е да се воведе хаос, туку тенденцијата била. и е, да се обезбедува соодветна терапија за колку што е можно повеќе пациенти.
Според него, буџетот на ФЗОМ се носи во Собранието односно од пратениците, а она што можат пратениците да го направат и што е нивна одговорност, е потребата од измени на Законот за јавни набавки за да се надминат пропустите со цел да се обезбеди подобра здравствена заштита за сите граѓани.
„Сепак, не треба да изигруваме суд, институциите ни пратија документација, докази тука не се поднесуваат, адресата се судот и обвинителството. За која било злоупотреба треба да постои име и презиме на оние кои ја злоупотребиле својата положба без оглед на функцијата на која се наоѓале. Луѓето кои не биле соодветно лекувани во измијнативе 15-20 години, а требало да бидат лекувани не можеме да им ја вратиме штетата без разлика дали се работи за ненабавка на лекови или за недавање на лекови, меѓутоа, во името на нивната жртва е потребно да се истера оваа работа до крај за да не се дозволи во иднина оваа работа да се повтори на која било клиника, и да ги измениме законите за подобра и поефикасна здравствена заштита“, рече Коциќ.
Пратеничката Бети Арабаџиевска Наумовска од СДСМ меѓу другото истакна дека кога станува збор за одговорноста таа треба да се бара и од политичарите кои воопшто не се потрудиле да набават терапија и дозволиле луѓето со онколошки болести да не можат со години да си го остварат своето со Устав загарантирано право за достапност на соодветна но и квалитетна терапија, каква што е биолошката терапија, која значи продолжување на живот.
„Слушнавме дека напливот на биолошката терапија и одобрените средства почнуваат токму од 2019 година прво со 300 милиони денари за да стигне во 2023 година 1,320 милјарди денари како што се зголемувал бројот на пацинети. И сега да се бара одговорност од оној кој обезбедил квалитетен лек не само за онколошките туку и за пациентите на клиниката за детски болести, за оние со ретки болести…., а да го амнестираш оној кој ништо не направил е малку чудно“, рече Абаџиевска Наумовска говорејќи за тогашниот министер за здравство Венко Филипче и апелираше за најбрзо завршување на истрагата за Онкологија.
Реплицираше Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ според која Филипче обезбедил лек, но обезбедил и профит, заради што според неа починале пациенти и нагласи дека според неа истрагата всушност треба да започне оти во моментов во Обвинителството во тек е предистражна постапка.
„Вие апелирате за најбрзо завршување на истрагата, јас би апелирала за најбрзо започнување на истрагата. И точно е тоа дека ние не сме судии и обвинители, но она заради кое и вие се согласивте да започне со работа оваа Анкетна комисија, како се ближи крајот вие сакате да ретерирате, очигледно. Политичка одговорност мора да има, а таа е на министерот за здравство“, рече меѓу другото Стојановска.
Наредната седница Анкетната комисија ќе ја одржи в понеделник.
Анкетната комисија во Собранието беше формирана по објавата на случајот за злоупотреба на лекови од Клиниката за онкологија. Членовите на Комисијата на 13 ноември ги почнаа доплнителните 30 дена за сослушување експерти и носители на јавни фунцкии, како и за анализа на документацијата и стенограмите од исказите на 60-тина сведоци кои беа претходно сослушани. Како што беше најавено по комплетирањето на исказите и документацијата, се очекува да бидат донесени заклучоци од кои треба да произлезе политичка одговорност, а Јавното обвинителство треба да ја утврди кривичната одговорност.