„На средбата разговаравме за случувањата во регионот, особено меѓу Приштина и Белград и заедно заклучивме дека нормализацијата на односите преку взаемно признавање ќе донесе траен мир во целиот регион. Разговаравме и за процесот во Хаг против поранешниот претседател Хашим Тачи и другите борци за слобода кои се држат во неправедно пролонгиран процес.
Господинот Гренел ме информираше дека никогаш, со ниту еден политички лидер од регионот, не разговарал за можноста за размена на територии меѓу Косово и Србија за која се шпекулира во медиумите, што беше поздравено од мене“, објави преку соопштение лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Дека се сретнал со лидерот на ДУИ на Инстаграм објави Гренел, но не напиша детали или зошто побарал средба со Ахмети, како лидер на партија од Македонија.
Високиот функционер на ДУИ, Артан Груби пак, не соопшти за средбата и зошто таа се одржала во неговата канцеларија во Министерството за политички систем и односи со заедниците.
Инаку, Гренел пред два дена беше во Белград каде претседателот на Србија Александар Вучиќ му додели одликување со орден на српското знаме од прв ред за неговите залагања за мир во регионот и за зајакнувањето на врските меѓу САД и Србија.
„Гренел со својата неуморна работа за краток временски период направи значително влијание врз односите меѓу Србија и САД и суштински ги збогати односите меѓу нашите народи. Со гордост се собравме да му ја предадеме наградата на поранешниот специјален претставник на претседателот на САД и вистински пријател како на нашата земја така и на целиот регион.
Извонредниот ангажман на амбасадорот Гренел на Балканот беше сведоштво и за неговото длабоко верување во иднината на регионот, а со тоа и иднината на Србија и создавањето поинаква иднина за народот на Балканот. Денес, со признание, ја потврдуваме нашата непоколеблива заложба за зајакнување на пријателството и соработката меѓу Србија и САД“, рече Вучиќ во таа прилика.
П.Џ.