Музејот во Сопот не е музеј на УЧК, изјави Османи прашан дали станува збор за дивоградба и дали овој музеј се наоѓа на државно земјиште како што во интервју за МКД изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
„Прво не се работи за музеј на УЧК, како што беше претставен, туку музеј којшто одбележува настан од 1944 година кога се убиени селани од Сопот, а господинот Ахмети беше таму како поканет гостин, така што сите прашања треба да ги упатите до организаторите. Како што велат тие, станува збор за семејно земјиште, семејството тоа го изградило за да ги одбележи соселаните, но ние немаме никаков удел во тоа, таму бевме поканети“, рече Османи.
На прашањето зошто тогаш целиот објект е со иконографија на УЧК, Османи нагласи дека станува збор за музеј кој е погрешно претставен како музеј на УЧК бидејќи, рече, одбележува трагичен настан од 1944 година.
Градоначалникот на Куманово за МКД.мк денеска потврди дека комплесот во Сопот е изграден на државно земјиште и најави постапка за негово уривање.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека според негови информации музејот на УЧК е изграден на приватно земјиште.